X
 28.12.2023 Живот

Секое лошо нѐ учи на нешто добро во животот, вели Раде - едно од децата пораснати во згрижувачко семејство поддржано од СОС Детско село

Најмногу ми помогна мајка Буба. Таа за мене е вистински херој, поважен и од сите мои детски херои.... Ме научи дека не е важно што ни се случува во животот, туку како ние реагираме на тоа, што правиме потоа. Ме промени на подобро бидејќи мислам дека ми се смени животното сценарио... Мама Буба не само тогаш, туку и денес ми го разубавува секојдневието. Особено кога ќе нѐ викне сите деца на семеен ручек, на нејзините познати полнети пиперки, споделува Раде.

Дали го знаете она чувство кога не можете да најдете зборови со кои ќе објасните што ви лежи на душата? Миговите кога имате бура од емоции, а сте неми?
Можете ли само да замислите што чувствува едно дете кое одеднаш останало само?
Раде имаше само 8 години кога дојде во СОС Детско село. Останал сам. Судбината си поиграла со него. Кога дојде во згрижувачкото семејство на мама Буба, тој не изусти ниту еден единствен збор. Само молчеше и немо гледаше.
Во тие сини очиња во исто време се препознаваа страв, тага, бес, лутина… но и надеж.
Требаше да поминат 8 месеци за Раде да ја препознае сигурноста и безусловната поддршка на мама Буба. Нејзиното трпение и љубов докажа дека сѐ е можно.
И така едноставно, едно предновогодишно утро, под накитената елка мама Буба најде порака која ѝ ги насолзи очите, а истовремено ѝ го стопли срцето.
На ливчето стоеше: „Мама Бубa, ти благодарам за се, оваа година не ми треба ништо повеќе од Дедо Мраз!“
Не е лесно да бидеш храбар, особено не кога имаш 5, 8 или 10 години…
Но, со сигурност можеме да кажеме дека на секое дете му е многу полесно кога има некој што ќе го разбере, сака и гушне за добра ноќ. Некој кој трпеливо ќе чека. Бидејќи ќе знае дека еден ден ќе дојде вистинско време кога сѐ што е не е изговорено ќе биде кажано.



Светот ми изгледаше неправеден, суров, немилосрден

Раде (псевдоним) е едно од децата пораснати во СОС Детско село, а денес е млад човек пред кого стојат уште многу предизвици. Тој ни ја сподели неговата интимна приказна создадена во единствениот топол дом за него – СОС Детско село. Кога се сместил во новиот дом, не бил свесен за чувствата, но се сеќава дека бил збунет и лут.

- Искрено, не се сеќавам точно какви чувства сум имал. Знаете, како дете не сакате да размислувате многу за нешто што не ви било убаво, го потиснувате некаде длабоко во себе и со текот на годините полека избледува. Знам само дека бев збунет, многу збунет и лут. На осумгодишно дете ништо не му е јасно. Не знаете што точно ви се случува, зошто ви се случува тоа, имате многу прашања, страв, неизвесност... Светот ви изгледа неправеден, суров, немилосрден. Мислев дека јас сум виновен што ја загубив можноста да живеам со моите родители, во мојот роден град, без моето милениче, без другарите, а го загубив и училиштето.... Со еден збор, тешко беше - раскажува Раде.

На прашањето каков дом му беше СОС Детско село и на каков живот го научи, тој вели:

- Едноставно кажано, тоа беше мојот дом. Местото кон кое брзаш кога ќе ти завршат часовите на училиште. Местото каде што чувствуваш припадност и сигурност. Тоа е место каде што пронајдов љубов, мир, топлина, сигурност и прифаќање, токму тогаш кога ми беа најпотребни... Тука, секако, најмногу ми помогна мајка Буба. Буба за мене е вистински херој, поважен од сите мои детски херои.... Ме научи дека не е важно што ни се случува во животот, туку како ние реагираме на тоа, што правиме потоа. Ме промени на подобро бидејќи мислам дека ми се смени животното сценарио... Мама Буба не само тогаш, туку и денес ми го разубавува секојдневието, особено кога ќе нѐ викне сите деца на семеен ручек, на нејзините познати полнети пиперки - раскажува Раде.

Во СОС Детско село бев само дете

Раде се присетува дека неговото секојдневие било како на сите други деца. Одел на училиште, активно тренирал карате и фудбал и си играл со другарчињата. Имал едноставно, среќно детство.

- Тоа е нешто што најмногу му треба на едно дете. СОС Детско село беше местото каде што јас повторно бев само дете и можам да кажам дека тоа е местото каде што ги поминав најубавите моменти од моето детство и се стекнав со знаења и вештини од многу области. Најмногу ми значеше што бев повторно исполнет со љубов, внимание и грижа. Но, исто така, научив да бидам посветен, истраен и никогаш да не се откажувам. Тоа се моите главни вредности со чија помош постигнав многу резултати во животот - вели Раде.

Денес тој е возрасен и вели дека е горд на себе и на човекот во кој пораснал.



- Можеби е малку нескромно, но јас сум навистина горд на себе што пораснав во личност која е самостојна и успешна. Завршив факултет, вработен сум, знам да се грижам сам за себе, живеам самостојно, знам како да готвам, сам да го одржувам домаќинството и сето тоа е благодарение на мојата мама Буба и сите вработени во СОС Детско село. Можам да кажам дека сум среќен, исполнет и амбициозен млад човек. Се радувам на мали работи зашто, впрочем, тоа го прави животот убав и знам дека секое лошо не учи на нешто добро во животот. „Патувам“ низ животот без планови. Но, сонувам дека еден ден ќе имам свое семејство и ќе бидам најдобриот татко на моите деца - додава тој.

Неговиот животен пат не бил вообичаен, но успеал да го извлече максимумот од ситуацијата во која се нашол и имал можност да научи многу животни лекции кои му го разубавиле животот и погледот кон светот.

- Јас извлеков многу поуки од животот, но би дал еден едноставен совет до сите оние што се соочуваат со некаков предизвик во животот: 
Другари, нема откажување!
Да останат силни, истрајни и да веруваат во себе, но и во другите луѓе.
Да дозволат да им се помогне. Звучи чудно, но мене тоа ми беше проблем.
Да не дозволат несреќите во минатото да ја определуваат нивната иднина.
Да не ги сонуваат лошите соништа, туку да бараат и да дозволат да добијат помош и поддршка - вели Раде.

Бидејќи љубовта, семејството и сигурноста се најголемиот новогодишен подарок на сите деца. Донирај сега на овој линк и создај искра надеж во очињата на децата без родителска грижа.

Фото: приватна архива

Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот