Милева Мариќ Ајнштајн, родена на 19 декември 1875 година во Тител, оставила свој белег во историјата на науката како прва сопруга на Алберт Ајнштајн и исклучително талентиран физичар. Иако многумина ја паметат првенствено по нејзината поврзаност со познатиот физичар, сè повеќе докази укажуваат на нејзиниот значаен придонес во Теоријата на релативноста и другите клучни научни дела, како што се истражувањето за брауновото движење и фотоелектричниот ефект.
Поминати се речиси 150 години од нејзиното раѓање, а нејзината улога во развојот на модерната физика дури сега почнува да се истражува подлабоко. Неодамна, државата Србија купи серија од 53 љубовни писма од Алберт Ајнштајн до Милева, како и десет писма што таа му ги напишала, за повеќе од половина милион евра. Овие писма, продадени на аукција во Лондон, откриваат интригантни детали за нивната врска и заедничка работа.
Ран живот и образование
Милева Мариќ била најстарото дете на Милош Мариќ и Марија Ружиќ. Уште од мала покажала исклучителен талент за математика и физика. И покрај физичкиот хендикеп – вродена дислокација на колкот – Милева постигнала одлични резултати на училиште. Основно училиште завршила во Рума, а образованието го продолжила во Нови Сад, Шабац и Загреб.
Бидејќи Австро-Унгарија во тоа време не им обезбедувала високо образование на жените, Милева се преселила во Цирих во 1894 година, каде што жените имале право да студираат. Се запишала на медицина, но набрзо се префрлила на математика и физика во Државното политехничко училиште. Таа била петтата жена на која ѝ била дадена оваа можност. За време на студиите го запознала Алберт Ајнштајн, три години помлад колега од неа во тоа време, со кого често работела на задачи и свиреле заедно - таа на пијано, а тој на виолина.
Љубов, работа и живот со Ајнштајн
Милева и Алберт станале неразделни партнери и во науката и во животот. Нивната врска била обележана со креативност, но и со предизвици. Милева била клучен соработник во раните истражувања на Ајнштајн. Во нивните писма често се споменуваат „нашите теории“ и „нашите дела“, што сугерира на заедничка работа, иако тоа никогаш не било признаено од официјалната наука.
Полин Гањон, научник од ЦЕРН, смета дека Милева не го добила заслуженото признание поради тогашниот сексизам. Доказ за тоа е фактот што Милева, иако брилијантна студентка, никогаш не дипломирала, делумно поради бременоста. Нивната врска поминала низ многу тешкотии. Иако се венчале во 1903 година, бракот бил далеку од идиличен. Во 1912 година Алберт започнал афера со неговата роднина Елза Ловентал, што го забрзала нивниот развод во 1919 година.
Животот по разводот
По разводот, Милева се посветила на воспитувањето на нивните синови Ханс Алберт и Едуард. Со парите што ги добила од Нобеловата награда на Ајнштајн си обезбедила покрив над главата, но голем дел од средствата потрошила за лекување на својот помлад син Едуард, кој боледувал од шизофренија.
Алберт се преселил во САД со својата втора сопруга Елса, додека Милева останала во Цирих, борејќи се со сопственото здравје и се грижела за својот син. Таа починала на 4 август 1948 година и била погребана на гробиштата Нордхајм во Цирих.
Наследството на Милева
Милева Мариќ не е заборавена. Нејзината куќа во Рума е реновирана, а во тек се плановите за отворање спомен-соба во Тител. Нејзината биста ги краси училиштата и универзитетите во Србија, додека наградата „Милева Мариќ“ се доделува на најдобрите студенти по математика на Универзитетот во Нови Сад.
Во 2018 година Би-би-си ја вклучил меѓу 100 жени кои биле многу позначајни отколку што историјата им дава заслуга. Зборовите на Милева, напишани во писмо до пријателка, најдобро го сумираат нејзиниот живот:
„Некои добиваат бисер, други школка“.
Милева Мариќ останува симбол на борбата за женска еднаквост и научна вистина, чие наследство допрва треба целосно да се расветли.
Извор: klik.hr
Фото: Wikipedia