X
 29.10.2016 Живот

Мудра приказна: клучот за успехот е во една и единствена работа што често ја забораваме!

Еден бизнисмен заглавил до гуша во долгови и очаен каков што бил, никако не успевал да најде решение за ситуацијата во која се нашол. Подигнал повеќе кредити, позајмувал пари од лихвари, па дошол момент кога сите одеднаш си ги побарале парите што тој ги немал да им ги врати.

Излегол да се прошета во паркот со надеж дека малку ќе ја смени мислата, но станал уште поочаен. Додека шетал размислувајќи на можните начини како да се спаси од банкрот, во еден момент му пришол некој старец.

„Гледам дека нешто Ве мачи. Можеби ќе Ви олесни ако се ‘исповедате’ некому?“, му рекол старецот.

Очајниот бизнисмен му ја раскажал целата ситуација, а старецот цело време молчел и не го прекинал ниту еднаш. Кога завршил бизнисменот, старецот му рекол:

„Мислам дека можам да Ви помогнам.“

Го прашал бизнисменот за неговото име. Тој му одговорил, а старецот извадил чек, го запишал името на бизнисменот и му го предал чекот.

„Земете ги парите. Ќе се најдеме на ова место за една година од денес и тогаш ќе ми ги вратите“, рекол старецот и исчезнал во врвулицата од луѓе, пред бизнисменот да може да му каже што било.

Погледнал во чекот, износот бил на 500.000 долари, а му го дал, ни повеќе ни помалку, туку лично Џон Рокфелер, еден од најбогатите луѓе на светот.

„Мислам дека во една секунда можам да си ги решам проблемите“, помислил бизнисменот, и го ставил чекот во својот сеф. Доволно му било да знае дека во сефот се наоѓа решението на неговите проблеми и дека има гаранција ако сам се обиде да се извлечи.

Охрабрен од сигурноста што ја имал во сефот, лека-полека успеал да застане на нозе. Во рок од половина година ги вратил долговите, а  по извесно време почнал и да заработува.

Една година подоцна, се вратил во паркот со истиот чек во рацете. 
  
Се појавил и старецот во точно определеното време. Само што тргнал бизнисменот да му се заблагодари и да му ја врати позајмицата, зад старецот се појавила медицинска сестра.

„Уф, ми олесна што успеав да го најдам. Се надевам дека не Ви пречеше. Знае вака да заскита од болницата и да им се претставува на луѓето дека е Рокфелер“, рекла сестрата.

Бизнисменот останал вчудовиден. Една година верувал дека има магично решение во сефот што може да го спаси од пропаст, а всушност немал ништо.

Тогаш сфатил дека не биле парите, без разлика дали биле вистински или не, тоа што му го променило животот.

Животот му го променила ново стекнатата самодоверба!
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот