По завршувањето на шестата и последна сезона од серијата „Приказната на слугинката“ (англ. „The Handmaid's Tale“), гледачите ќе имаат можност повторно да зачекорат во дистопискиот свет на Гилеад преку нова серија со наслов „Тестаментите“ (англ. „The Testaments“). Станува збор за екранизација на романот на Маргарет Атвуд од 2019 година, кој временски продолжува на настаните од оригиналната серија, но воведува и нова генерација хероини.
Продукцијата на новата серија започна во април 2025 година во Торонто, а зад проектот повторно стои „Хулу“ во соработка со „Ем-џи-ем телевижн“. Главен сценарист и продуцент на серијата е Брус Милер, кој беше задолжен и за оригиналната серија.
Дејството во новата серија е сместено три до пет години по завршувањето на „Приказната на слугинката“ и ги следи животите на три жени поврзани со режимот на Гилеад, секоја од своја перспектива. Најпозната меѓу нив е тетката Лидија, повторно во интерпретација на Ен Дaуд. Нејзиниот лик во новата серија добива поголема длабочина бидејќи гледачите ќе бидат сведоци на сложениот однос што го има со системот кој истовремено го поддржува и се обидува да го поткопа однатре.
Покрај тетката Лидија, приказната се фокусира и на Агнес – ќерката на Џун и Лук која порасна во Гилеад под друг идентитет, како и на Дејзи, нивната втора ќерка која порасна во Канада и ѝ се приклучува на борбата против режимот.
Дали Џун Озборн ќе се врати во продолжението?
Елизабет Мос, која со улогата на Џун Озборн стана заштитен знак на оригиналната серија, овој пат нема да има главна улога, но останува вклучена како извршна продуцентка. Нејзиното евентуално појавување како гостинка сè уште не е потврдено.
За разлика од „Приказната на слугинката“, новата серија ќе има нешто поинаков тон и визуелен израз. Според најавите од продуцентите, атмосферата ќе биде помалку тешка, а повеќе насочена кон внатрешната борба на ликовите и нивното спротивставување на системот однатре, особено преку очите на помладата генерација.
Иако точниот датум на премиерата сè уште не е објавен, се очекува серијата да започне со прикажување кон крајот на 2026 или во текот на 2027 година. Ќе се прикажува на платформата „Хулу“, а останува да се види дали ќе предизвика глобален интерес и ќе отвори нови дебати за слободата, отпорот и општествените системи.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube