Европа како колевка на демократијата и цивилизацијата се стреми кон воведување највисоки стандарди во работните односи и социјалната заштита. Во тој контекст, на самитот во Гетеборг, 2017 година, од страна на Европскиот парламент, Советот и Комисијата беше објавен Европскиот столб на социјални права (European Pillar of Social Rights). Столбот воспоставува 20 клучни принципи кои претставуваат своевиден патоказ кон силна социјална Европа која е правична, инклузивна и изобилува со можности. Принципите на Столбот треба да помогнат во градење поправични и функционални пазари на труд, како и силен систем на благосостојба во корист на европските граѓани. Со Акцискиот план за Европскиот столб на социјални права, Комисијата утврдува конкретни иницијативи за постигнување токму на овие заложби. Постигнувањата на целите дефинирани во Европскиот столб на социјални права претставуваат заеднички напор на институциите во ЕУ, националните, регионалните и локални власти, социјалните партнери, како и граѓанското општество.
Во основата на Европската социјално-пазарна економија се наоѓа конкурентната одржливост, заснована врз инклузивен модел на развој со кој се постигнува најдоброто за луѓето и планетата во целина. Европската социјална и економска флексибилност е резултат токму на овој уникатен модел, кој е почитуван од страна на европските граѓани. Предноста на Европскиот социјален модел е во тоа што обезбедува можности за сите, без разлика на полот, расната или етничката припадност, религијата, попреченоста, возраста или сексуалната определба. Амбицијата на ЕУ е да успее во ветувањето за споделен просперитет што е во суштината на Европскиот столб на социјални права, деклариран од страна на Европскиот парламент, Советот и Комисијата во 2017 година.
Климатските промени и предизвиците од животната средина, дигитализацијата, глобализацијата и демографските трендови забрзано го менуваат секојдневниот живот. Овие длабоки трансформации го ставаат на тест ветувањето за успешна социјално-пазарна економија, со работни места кои овозможуваат пристојно живеење и заштита во кризни времиња. Денес, 90 % од европските граѓани сметаат дека социјална Европа е важна за нив и би требало да понуди еднакви можности и пристап до пазарот на труд, како и правични работни услови и социјална заштита. Подобрувањето и приспособувањето на европскиот т.н. „социјален правилник“, т.е. негување на економија што функционира за луѓето и промовира општествен прогрес, се суштина на европскиот одговор на ваквите промени. Во овој контекст, потребни се координација и солидарност за натамошно спроведување на зелената и дигитална трансформација преку која европските граѓани ќе можат да напредуваат.
Дваесетте принципи на Европскиот столб на социјални права претставуваат ѕвезда-водилка кон силна социјална Европа и поставуваат визија за новиот „социјален правилник“. Тие ги изразуваат принципите и правата кои се суштински за правични и функционални пазари на труд и системи на благосостојба за 21 век. Ефективната имплементација на Европскиот столб на социјални права во моментов е поважна од кога било и во голема мера зависи од решителноста на земјите членки, кои главно ја имаат одговорноста за вработеноста, вештините и социјалните политики. Во доменот на вработеноста потребно е создавање можности за вработување во реалната економија, приспособување на работните стандарди, стандардите за безбедност и здравје при работа и мобилноста на работната сила. Во доменот на вештините потребно е инвестирање во вештини и образование кои ќе креираат нови можности за сите. Социјалната заштита и вклученост би требало да обезбедат достоинствено живење, промоција на здравствената нега и приспособување на социјалната заштита.
Слично како и другите земји од регионот на Западен Балкан, Македонија се соочува со високи стапки на ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Социјалната исклученост претставува голем товар за општеството бидејќи генерира директни трошоци за системот за социјална заштита, како и индиректни трошоци кои се однесуваат на справување со социо-економската патологија, карактеристична за ранливите социјални сегменти. И покрај оваа состојба на изразена социјална исклученост, владиното трошење за социјална заштита, поддршката за невработените, образованието и здравствената заштита се на релативно ниско ниво споредено со просекот на ЕУ. Според тоа, реформите на системот за социјална заштита и политиките за вработеност остануваат меѓу врвните приоритети на социјалната агенда, особено во контекст на отпочнатиот процес за пристапување кон ЕУ. Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика ги дефинира реформите и политиките кои ќе бидат имплементирани во следниот период во три приоритетни подрачја: пазар на труд и вработеност, човечки капитал и вештини, и социјална инклузија и социјална заштита. Во овој контекст, извештајот за Европскиот столб на социјални права ги нотира постигнувањата на Македонија во ова подрачје, кои во продолжение ќе бидат накратко елаборирани.
Бројот на лица на работоспособна возраст (15-64 години) кои посетуваат формално образование континуирано опаѓа, без видливи разлики според полот. Во однос на посетување образовни активности надвор од редовниот образовен систем (неформално образование), учеството сѐ уште е на мошне ниско ниво. Во овој контекст, постои потреба од инвестирање во вештини на вработените со цел да се подобри нивната продуктивност и конкурентноста на економијата во целина. Во поглед на родовата нееднаквост, жените континуирано бележат пониски стапки на активност и вработеност споредено со мажите, додека разликата во стапките на невработеност е незначителна. Македонскиот пазар на труд традиционално е сегрегиран во однос на професионалната определба на работниците, што значи дека вработеноста на жените и мажите е концентрирана во посебни сектори. Особено во неповолна положба се жените вработени во дејности со ниска продуктивност, кои традиционално се сметаат за т.н. „женски“ дејности. И покрај тоа што активните мерки на пазарот на труд се мошне хетерогени и таргетираат многубројни обесправени сегменти, владината потрошувачка за активна поддршка на вработувањето изнесува само околу 0,2 % од БДП, што е значително пониско споредено со просекот на ЕУ. Освен тоа, имплементацијата на програмата за младинска гаранција резултира во стекнување позитивни искуства кои би требало да се споделат со другите земји во регионот.
Условите за вработување во Македонија во последнава деценија постепено се подобруваат, што резултира со континуирано намалување на стапката на невработеност. Вработеноста во неформалниот сектор е перманентно висока, додека бројот на самовработени бележи тренд на намалување. Стандардните типови вработување (со полно работно време, неопределено траење) доминираат во однос на нестандардните типови (со скратено работно време, определено траење). Нестандардните работни ангажмани повеќе се карактеристични меѓу младата популација и работниците со помало работно искуство. Во овој контекст, новиот Закон за работно ангажирање на лица ќе обезбеди институционална рамка за голем дел од работните ангажмани од повремен или сезонски карактер. Платите како најзначаен дел од расположливиот приход на домаќинствата бележат континуиран пораст, и покрај тоа што во реална смисла тој е помал како резултат на изразената постпандемска инфлација. Законски утврдената минимална плата континуирано се зголемува, и игра значајна улога во обезбедување на животниот стандард на најниско платените работници.
Согласно законската рамка, работниците во Македонија имаат можност да формираат или да се приклучат кон организации со цел да ги заштитат и промовираат своите економски и социјални интереси. Функционирањето на трипартитниот социјален дијалог на ниво на целата економија и на локално ниво напредува, додека на бипартитно ниво сѐ уште заостанува. Според последните усвоени измени во Законот за работни односи од 1 јануари 2022 година, недела е неработен ден за 92 % од вкупниот број вработени. Главната цел на ваквата измена беше воспоставување рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот, како предуслов за зголемување на мотивацијата и постигнување поголема ефикасност на работните места. Бројот на повреди на работни места е релативно низок споредено со просекот на ЕУ, што може да се должи на нивно несоодветно евидентирање. Најголем дел од фаталните несреќи при работа се случиле во градежништвото и преработувачката индустрија.
Реформите во образовниот систем и иницијативите за подобрување на вештините на работната сила во Македонија се од големо значење, имајќи ја предвид ниската просечна продуктивност на трудот. Во овој контекст, потребно е да се зајакне улогата на доживотното учење, како и обезбедување соодветен квалитет на формалното и неформалното образование. Имено, образованието и обуката на работниците е најчесто користена стратегија на страна на понудата за подобрување на нивните вештини и компетенции и подобро позиционирање на пазарот на труд. Притоа, реформите на образовниот систем мора да ги земат предвид потребите на работодавците и да одговорат на веќе утврдените неусогласувања во вештините. Ваквите неусогласувања доведуваат до пониско задоволство од работата, предизвикуваат зголемен стрес и пониски плати.
Според Анкетата за приходи и условите на живеење, Македонија спаѓа во групата најсиромашни економии во Европа, што наложува потреба од воведување соодветен систем за социјална заштита. Порастот на вработеноста резултира во зголемени приливи во пензискиот фонд и фондот за здравствена заштита. Благодарение на ова, потребата од покривање на дефицитот во пензискиот фонд од централниот буџет има опаѓачка тенденција. Во однос на социјалната заштита, центрите за дневен престој на лица со попреченост играат голема улога во процесот на деинституционализација, а таквиот тренд ќе продолжи и во иднина. И покрај тоа што обезбедувањето на социјалните услуги е централизирано, создадени се законски и институционални можности за обезбедување услуги на локално ниво и со посредство на приватни провајдери. Системот за социјална заштита сѐ уште се соочува со низа недостатоци, како што е недоволниот капацитет за згрижување возрасни лица со попреченост и стари лица, социјална инклузија на ромската популација, воспоставување процес на деинституционализација и решавање на одржливоста на пензискиот систем. За да се решат овие проблеми, развојот на социјалните услуги првенствено треба да биде насочен кон создавање ефикасни, ефективни и персонализирани услуги кои се приспособени на специфичните потреби на корисниците, како и обезбедување на услугите во местото на живеење на корисниците.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО