X
 20.08.2019 Живот

Стравот од невработеноста, намалувањето на платите и дигиталните платформи создадоа нов вид работници

Стравот од губењето на работното место, како и дека нема да преживеат од месец до месец, натера голем број луѓе да се насочат кон економијата на краткотрајните работни места (англиски: gig economy), која само во Обединетото Кралство изминатите три години двојно се зголемила. Имено, едно од десет работоспособни лица е вработено на договор што трае од еден до неколку месеци, што во Обединетото Кралство значи 4,7 милиони работници.

За сето ова придонел и растот на дигиталните платформи, како „Убер“, „Деливеро“ и „Волт“. Поточно, овие платформи поттикнале своевидна револуција на пазарот на трудот што повеќе не може на луѓето да им гарантира работа од 8 до 16 часот.

- Пазарот на трудот се менува многу брзо и работниците не можат да ја добијат потребната заштита. Голем број луѓе се присилени да се вработат преку платформи што овозможуваат барем некаква заработувачка, која честопати е несигурна - објаснува Франсис О'Грејди, главен секретар во Британскиот конгрес на синдикати, а тоа го покажале и резултатите од истражувањата спроведени од Универзитетот во Хертфордшир.

Според тоа истражување, од 2016 година до денес бројот на вработени на некои од интернет-платформите скокнал од 4,7 отсто, односно од 2,3 милиони Британци, на 10 отсто, односно 4,7 милиони луѓе, а уште поголем број од населението во текот на нивниот работен век неколку пати се послужиле со дигиталните платформи за да заработат дополнително. Попрецизно, станува збор за 7,5 милиони Британци што биле принудени да се насочат на таква заработка за да сврзат крај со крај.

Краткотрајните работни места се една од причините за рекордното ниво на вработеност, како и за отворање нови работни места, што се бележи во земјите низ светот. Притоа, во Обединетото Кралство биле вработени 32,8 милиони луѓе, но тоа не значи дека Британците подобро живеат. Всушност, бројот на сиромашни граѓани е уште поголем, а просечната плата паднала под нивото забележано пред финансиската криза.

- Стравот од невработеност се прошири низ цела земја. Намалувањето на платите на луѓето потсетува на 2008 година и тие се плашат дека ќе останат без работното место - смета канцеларот Џон Мекдонел.

Како што покажа истражувањето, младите работници повеќе сакаат да работат преку платформа. Две третини од овие работници се на возраст од 16 до 34 години, при што доминираат мажи, а повеќето од нив користат повеќе од една платформа за да заработат за живот.

Фото: Reuters
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот