X
 24.03.2020 Економија

Бизнисите и работните места мора да се приоритет во економските мерки

Македонската економија со речиси 600 милиони евра, заем од странски финансиски институции, ќе го амортизира ударот од пандемијата на коронавирусот. Задолжувањето го најави министерката за финансии Нина Ангеловска, а средствата се наменети за ликвидност на буџетот и мерки за поддршка на фирмите и граѓаните. Приоритет на Владата ќе биде спас на стопанството, зачувување на работните места и приходите на сите граѓани. 



Бизнисите да останат отворени и да се зачуваат работните места се две мерки кои мора да се носечки столб на кој можат да се надоврзуваат сите други сетови мерки што ќе се преземаат во иднина, смета професорот Борче Треновски од Економскиот факултет.
Посочува дека голем дел од земјите од регионот веќе се фокусираат токму на овие приоритети и преземаат мерки кои се широки и опфаќаат поголем број сектори. Треновски вели дека кога ќе се размислува за распределба на помош, мора да се имаат предвид првенствено оперативните и трошоците за минато работење на бизнисите, како и потребите на граѓаните за одржување на здравјето, снабдувањето со неопходните стоки и услуги и зачувувањето на работните места. 

- Состојбата во економијата се менува секојдневно, поради што имаме потреба од итност на мерките кои ќе се структурираат и ќе се приспособуваат на тековните промени. Економијата стана почувствителна и од коронавирусот, берзите застанаа, а стопанствениците размислуваат дали да ги отпуштат вработените. Првенствено мора да им се помогне на бизнисите што во моментов имаат нула приходи и се затворени. Ним не им помага кредит, а истражувањата покажуваат дека е подобро да затворат порано, да ги зачуваат заштедените пари и да продолжат кога ќе заврши кризата. Затоа мора веднаш да се дејствува, а државата мора да помогне не само со придонесите, туку станува јасно дека треба да покрие и дел од платите - нагласува Треновски.

Државата ќе повлече 400 милиони евра преку инструментот за премостување, 87 милиони евра од фондовите на ММФ, како и 100 милиони евра од Светска банка. Според министерката Ангеловска, целта е да се обезбеди сигурност на буџетот во секое сценарио и да се обезбеди ликвидносна и финансиска инјекција во стопанството преку мерки за помош на фирмите.

- Користиме специјален инструмент заем-до-обврзница (bridge to bond facility) во износ од 400 милиони евра со рок на достасување до 12 месеци, кој ќе ја поддржи ликвидноста на државата во време на пандемијата и намалувањето на економската активност, потребите во секторот здравство, како и стопанството. Овој заем ќе биде целосно отплатен со средства кога ќе се издаде еврообврзницата. Станува збор за заем од странски банки под поволни услови. Очекуваме поволна каматна стапка за овој инструмент, дури и пониска од претходно издадената еврообврзница од 2018, која имаше историски најниска каматна стапка од 2,75 проценти - нагласи Ангеловска.

Заменик-претседателката на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, на средба во Стопанската комора на Македонија потенцира дека е потребно капацитетите на индустријата да продолжат со работа и да се задржат вработените.

- Повикуваме компаниите да ги користат економските мерки што ги презентира Владата и најавуваме нови мерки во следните денови. Владата им стои на располагање на компаниите и добредојдени се сите предлози и иницијативи од компаниите за заеднички што полесно да се пребродат тековните предизвици - посочи Царовска.

Во земјава сè уште се дебатира и за предлогот на владејачката партија СДСМ за спас на економијата, кој допрва треба да го разгледа Владата. Меѓу другите предлози е и платите на јавниот сектор да се намалат на минималната плата, што наиде на лавина од реакции од многубројните синдикати во земјава. СДСМ предложи минималната плата за април и за мај да биде обезбедена од државата, за секој работник во приватните фирми погодени од кризата. Исто така, се предлага и сите функционери и раководители да добијат минимална плата.

Подготвил: Сања Наумовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија