Кога веќе се насочив во вистинскиот правец, најголемиот предизвик што си го зададов беше секојдневно да учам, осознавам и да навлегувам подлабоко во светот на глумата и уметноста, вели Ведран Чешарек
Ведран Чешарек е еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2023/2024 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тој доби признание за најдобар студент, но ни сподели дека не знаел дека постои ваква награда, воопшто не се надевал на вакво признание. Ни посочува дека е убаво да се знае дека некој го увидел и го цени неговиот вложен труд низ тие четири години.
Глумата отсекогаш ме исполнуваше
Ведран Чешарек дипломира на Факултетот за драмски уметности. Ни раскажа дека и низ претходните степени на школување, односно основно и средно образование, секогаш имал висок просек.
- Учев на природно-математичкиот отсек во средно бидејќи повеќе ми одеа од рака природните науки и математиката, но глумата отсекогаш повеќе ме исполнуваше и беше нешто што вистински го сакав. Кога дојде време за одлука, ја донесов без размислување - ни изјави Ведран.
Што повеќе учиш, сфаќаш дека сè помалку знаеш, додава тој.
- Кога веќе се насочив во вистинскиот правец, најголемиот предизвик што си го зададов беше секојдневно да учам, осознавам и да навлегувам подлабоко во светот на глумата и уметноста.
Да остварам најдобар успех, најмногу ме мотивираше тоа дека го учев тоа што сакав да го учам. Оценката никогаш не беше важна и во ниту еден момент не се грижев за просекот, а тоа го говори фактот дека не знаејќи, завршив со повеќе предмети и кредити од потребното - посочува Ведран.
Следен чекор - постдипломски студии во странство
На прашањето дали беше тешко да се постигне успехот и какви жртви правел за да го задржи од прва до последна година, тој вели:
- Од оваа гледна точка гледам дека јас и мојата класа сме правеле големи жртви за да успееме да ги постигнеме сите зададени обврски. Задачите во голем дел од времето бараа да сме присутни на факултет од 9 часот сабајле, до 8/9/10 часот навечер, па некогаш и подоцна. Главниот фокус ми беше на главниот предмет, Актерска игра 1-8, но голем дел од времето одземаа и сите други предмети - вели Ведран.
По дипломирањето, негов следен чекор се постдипломски студии во странство.
- Се разбира дека имам план и визија за тоа како би сакал да се одвиваат нештата, но секогаш одам чекор по чекор - вели тој.
Го прашавме и какви промени би сакал да иницира во неговата бранша, на што ни одговори дека сѐ што би сакал да промени ќе се обиде во иднина да го направи со дела.
Фото: приватна архива
*Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата се строго забранети и подлежат на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.