„Во Македонија се чувствувам како дома“, вели проф. д-р Ремон Поп-Илиев, кој 22 години предава Универзитет за технички науки во Онтарио, Канада, а воедно е и визитинг-професор на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Поп-Илиев, кој важи за еден од најстручните професори за инженерство и применети науки во Канада и е автор на голем број научни трудови и добитник на награди од областа на науката, е Македонец, роден во Скопје.
30 години живеел во Македонија
Прв јазик на кој прозборел бил францускиот зашто мајка му била Французинка, а напоредно со него уште како мал го научил и македонскиот. По мајка потекнува од семејството Рубен, чија семејна куќа се наоѓала веднаш спроти фонтаната на влезот во Градскиот парк, (денешен Smidgin), каде што живеел цели 30 години. Завршил гимназија во „Орце Николов“, а потоа дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје, во 1982 година.
Работниот стаж го започнал како професор во средното училиште „8 Септември“ во Скопје познато како ЕМУЦ, каде што предавал повеќе предмети од машинство. Потоа работел и напредувал на различни позиции во „Металски завод Тито“, стигнувајќи и до заменик-генерален директор на МЗТ опрема, по што следувале две години работен ангажман во Канцеларијата на Обединетите нации УНХЦР во Скопје.
Во Канада бил инженер и раководител на производство во „Форд“
-Во 1995 година со моето семејство се отселив во Канада и најпрво работев во фабриката на „Форд“ во Торонто, каде што се произведуваше првата генерација на возилото форд виндстар миниван. Таму почнав да работам како инженер на одделение, а потоа како раководител на производство на најодговорната производна линија во која телото на возилото се спојуваше со шасијата (долната рамка на автомобилот) - вели Поп-Илиев.
Го напуштил „Форд“ за да продолжи со школување на Универзитетот во Торонто, каде што магистрирал и докторирал во рекордно време од областа на иновативни технологии за процесирање полимерски композиции и нанокомпозиции.
Креатор на многу курсеви на Универзитетот во Канада
Веќе 22 години предава на Универзитетот за технички науки во Онтарио, Канада, а во моментов е професор на Факултетот за инженерство и применети науки. Цели 13 години (од 2005 до 2018) непрекинато бил носител на федералното звање претседавач за дизајн на Советот за природни науки и инженерско истражување на Канада за иновативен дизајн-инженеринг поддржан од големи индустриски компании.
-Уште во првиот семестар креирав и воспоставив високоинтензивен дизајн-курикулум. Низ годините самостојно развив и предавав повеќе од 15 курса од областа на конструирање (Design Engineering) за додипломски и постдипломски студии, меѓу кои и најважните завршни курсеви за седми и осми семестар „Capstone Systems Design I & II” кои ги раководам и на кои предавам - вели професорот.
Неговите студенти работат на реални дизајни кои не ѝ штетат на природата
На Универзитетот во Онтарио секоја година се развиваат повеќе од 50 вакви проекти во мултидисциплинарни групи од 5-6 студенти под постојан надзор на специјалисти од Универзитетот и индустријата, сѐ до крајна презентација и демонстрација на функцијата на прототипот. Трошоците ги финансира факултетот.
Неговите стратегии за обука на студенти и постдипломци секогаш вклучуваат теоретски и практичен пристап, а неговата истражувачка лабораторија ја издигнува компетентноста на студентите на високо ниво преку стекнување вештини во користење најсовремени научни инструменти за тестирање и опрема за производство.
- Од студентите на додипломски студии кои работат на проекти за дизајнирање барам аргументирани одговори на следните пет прашања: дали нивниот дизајн-концепт овозможува природата и човештвото да коегзистираат во здрава и одржлива состојба, дали ги разбираат ефектите врз корисниците и другите системи, дали се безбедни и имаат долгорочна вредност, помагаат ли да се елиминира отпадот во текот на животниот циклус на производот и дали се потпираат на природни енергенти - вели Поп-Илиев.
Од годинава стана визитинг-професор на Машинскиот факултет во Скопје
Неговата соработка со Машинскиот факултет во Скопје, каде што некогаш бил студент, а сега како професор, се воспоставила пред 15 години. Најблиска стручна соработка остварил со проф. д-р Татјана Кандикјан и проф. д-р Иле Мирчески и други професори на факултетот. Соработката годинава беше крунисана и со доделувањето на звањето визитинг-професор од Наставно-научниот совет под водство на деканот, проф. д-р Златко Петрески.
- Студентите по машинство во Канада, а особено на мојот универзитет, задолжително се воведуваат и учествуваат во конкретни дизајн-проекти кои секогаш мора да завршат со демонстрација на виртуелен концепт и физички прототип кој ја извршува работата за која е конструиран и функционира многу добро. Имам впечаток дека студентите на Машинскиот факултет во Скопје изобилуваат со солидно ниво на теоретски инженерски знаења, но најчесто немаат можност теоријата длабоко да ја поврзат со праксата. Така е најверојатно поради недостиг или не толку добра опременост на лабораториите, недостиг на проекти за реални дизајни или поради фактот дека индустриските капацитети во државата претежно се базираат на составување готови делови во целини, а не нивен фундаментален развој, па во ваквите знаења не се инвестира многу - вели професорот.
Фото: приватна архива