Сонуваш за бели песочни плажи, зелени џунгли и живописни улични пазари во Тајланд? Сега можеби е вистинскиот момент да ја резервираш следната авантура.
Тајланд планира да додели бесплатни домашни летови за 200.000 меѓународни посетители во текот на следните три месеци.
Кампањата, наречена „Купи меѓународен лет, добиј бесплатен домашен лет во Тајланд“, ќе им овозможи на странските туристи да добијат бесплатен повратен лет во рамките на земјата при резервација на меѓународни летови преку авиокомпании или туристички агенции.
Со поддршка од министерството за туризам, програмата треба да се реализира од септември до ноември, доколку добие одобрување од владата. Владата ќе субвенционира до 40 евра за билет во еден правец или околу 80 евра за повратен лет. Секој билет ќе вклучува и 20 килограми чекиран багаж.
Зошто Тајланд сака да дели бесплатни летови?
Целта е патниците да се охрабрат да ја откријат земјата и надвор од најпознатите дестинации како Бангкок, Пукет и Чианг Мај, и да посетат помалку посетувани провинции богати со храмови, возбудлива кулинарска традиција и недопрени плажи и острови.
Шест авиокомпании, „Таи ервејс“, „Таи еразија“, „Бангкок ервејс, „Нок ер“, „Таи лајон ер“ и „Таи ветџет“, веќе се вклучени во иницијативата.
Властите очекуваат промоцијата да донесе околу 200 милиони евра приходи од буџет од 16 милиони евра.
Сепак, постојат ограничувања: бесплатните летови ќе важат само за туристи што пристигнуваат со авион, а резервациите направени пред почетокот на програмата нема да се сметаат.
Бесплатните летови се последниот обид за оживување на индустријата што со децении претставува економски двигател на земјата.
Во 2019 година речиси 40 милиони странски туристи го посетија Тајланд за да уживаат на тропските плажи, да пробаат ароматично кари или да ја видат светски познатата ноќна сцена на Бангкок.
Сепак, тој рекорд сè уште не е достигнат. Целта за 2025 година беше 39 милиони посетители, но земјата очигледно ќе заостане. Банката на Тајланд неодамна ја намали својата прогноза на 33 милиони туристи, од претходните 37,5 милиони оваа година. Досега се регистрирани 20,8 милиони меѓународни пристигнувања, што претставува пад од 7 отсто во споредба со минатата година.
Дел од проблемот е и перцепцијата. Насилни инциденти во Бангкок неодамна се најдоа на насловни страници, а судирот на границата со Камбоџа минатиот месец дополнително ја наруши сликата на Тајланд како безбедна и безгрижна туристичка дестинација.
Владата воведе и други мерки за привлекување посетители: го одложи воведувањето на таксите за влез, ги укина визите за кинеските туристи и создаде визи за дигитални номади со цел да привлече работници на далечина. Се разгледува и идејата за изградба на казина.
Сепак, програмата со бесплатни летови може да се покаже како највпечатливата мерка досега. Но, туристите ќе треба да почекаат додека владата официјално не ја одобри иницијативата пред да почнат да резервираат одмори во Тајланд.
Извор:
Euronews.com
Фото: Freepik