X
 23.03.2019 Живот

Земја во која луѓето ги оставаат автомобилите отклучени

Сингапур е една од најбезбедните земји во светот. Всушност, овој град-држава во Југоисточна Азија неодамна беше прогласен за најбезбедно место во извештајот за безбедност при патување од „Галуп“. Анализирајќи ги податоците за безбедноста на патиштата во 142 земји во светот, работата на локалната полиција, бројот на ограбувања и други напади во некои земји, било заклучено дека соло патниците најдобро се чувствуваат токму во Сингапур.

Тоа не е чудно ако знаете дека Сингапур има една од најниските стапки на криминал во светот. Локалното население може да го остави својот автомобил отклучен без да се плаши дека некој ќе го украде. Жените во сингапурските ресторани и барови ги оставаат чантите без надзор кога одат во тоалет. Дамите се чувствуваат безбедно ако сами се враќаат дома од ноќно излегување, а родителите не стравуваат дека некој ќе им го киднапира детето ако го остават само да оди на училиште.

Напади на туристи воопшто не се случуваат. Забележани се ситни крадци, меѓутоа, ваквите престапи се резервирани само за „туристички“ подрачја како аеродроми, јавниот превоз и популарните атракции во градот.

Најголеми безбедносни проблеми во земјата предизвикуваат измамниците кои се преправаат дека се сопственици на згради и кои бараат големи износи за резервација за станови под кирија. Токму затоа се препорачува резервирањето на станови да се врши само од регистрирани компании.

Сингапур важи и за еден од најскапите градови за живот. Истовремено, станува збор за беспрекорно организиран град. Улиците се чисти и мирни, поради што голем број туристи го нарекуваат „стерилен“, па дури и предосаден.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот