X
 29.09.2017 Живот

Дали денес постои објективен страв од романтично вљубување?

Ако се согласувате со Ана Каренина дека постојат онолку љубови колку што има срца на светот, најверојатно сте блиску до вистината затоа што љубовта е индивидуално искуство на секој поединец.

На прашањето дали филозофијата на модерната љубов се разликува од минатите времиња, а особено дали во денешно време постои резервираност и страв од вљубување и страсна љубов, за што говорел и Стендал во своето дело „За љубовта“, не е лесно да се даде одговор.

Во тој есеј Стендал ги опишува етапите низ кои поминува душата на вљубениот и го воведува поимот „кристализација“, која всушност претставува активност „на душата која секојдневно открива дека саканата личност поседува нови и нови совршенства“. Значи, кристализацијата е процес кој се случува при романтична љубов.

Психоаналитички толкувања

Емоционалниот живот и љубовните врски на секој човек поединечно се одредени од свесниот дел на неговата личност, но всушност многу повеќе од неговото несвесно, доколку ги прифатиме психоаналитичките сознанија и толкувања.

Тие исто така нè предупредуваат дека влијанието на несвесниот семеен живот на нашите родители и несвесните набљудувања кои потекнуваат од нашето детство играат значителна улога во обликувањето на нашиот однос кон спротивниот пол.

Изгледа дека и не знаејќи ние сме преоптоварени со баластот од минатото и тука ни нема помош. Така се толкуваат бескрајните и упорно повторуваните љубовни обрасци во нашиот зрел живот: некои луѓе влегуваат од врска во врска со луѓе со слични карактеристики, избираат погрешни лица како да се осудени на исти повторувања и како да не можат да излезат од маѓепсаниот круг.

Силната судбинска вљубеност во психоаналитичката терминологија се објаснува како пренесување на либидото од Јас (егото) кон саканата личност.

Со оглед на фактот дека ваквата способност не зависи од надворешните трендови, туку од тоа дали поединците по својата психолошка конституција се подложни на тоа или не, би заклучиле дека психоаналитичарите не го сфаќаат вљубувањето како моден тренд, ниту како појава на која би можеле да се спротивставиме со разум.

Романтичната љубов споредена со неромантичната

Под романтична љубов во секојдневниот живот се подразбираат силните љубовни чувства кои одненадеж нè опседнуваат, не зависат од нашата волја и ни го менуваат животот така што објектот на нашата љубов станува центар на нашиот свет.

Од една страна, романтичното вљубување е вонредна состојба, која лицата што се обземени со неа ги „фрла“ во вител од прекрасни чувства на исчекување, надеж, трпение и страст.

Но можат да се чујат и мислења дека денес постои тренд на намерно бегање од страсна љубов со цел да се избегнат „бурите“ од чувства, непредвидливоста и болката која може да произлезе од таквата врска.

Имено, современите девојки и момчиња се внимателни и претпочитаат стабилна врска без многу „луда“ љубов, но и без непријатни последици од истата.

Дури и се оди до таа крајност што се избегнува каков било вид врзување, се живее осамено, или пак сите врски во кои влегуваат се површни и партнерите често се менуваат, без поголеми стресови при раскинувањето затоа што се знае дека стариот партнер за брзо време ќе биде заменет со нов.

Кај неромантичната љубов, освен овој елемент на избегнување љубовна болка, присутен е уште еден рационален елемент, а тоа е општествениот, односно желбата за општествен статус и престиж, па честопати љубовта се приспособува и кон него. Можеби партнерите нема да бидат поврзани со страсна љубов, но ќе имаат исти интереси, склоност кон гламурозен живот, покажување на богатството и успехот, уметнички амбиции кои треба да се „протуркаат“ и спонзорства кои треба да се „покријат“.

Запознавање преку интернет


Повеќето луѓе што се стремат кон семеен живот ги сретнале своите брачни другари  додека биле во средно училиште или на студии. Или евентуално подоцна, на работното место.

Меѓутоа, ако не се пронајде соодветен партнер додека човекот сè уште е релативно млад, кога е подготвен да сака, да биде флексибилен и неоптоварен со лоши искуства, а се стреми кон брачен живот, можностите тоа да се случи подоцна со годините се намалуваат.

Познато е дека со текот на времето барањата во однос на љубовта каква што ја посакуваме растат, но ние стануваме сè поизбирливи, не ги признаваме нашите недостатоци и маани, стануваме поограничени и „побудалести“, а секако не и поубави, иако и натаму си се допаѓаме себеси, па сметаме дека грешката не е во нас, туку во другите.

За оние што не излегуваат премногу, а често се онлајн, современото време има уште една понуда. Денес постојат специјализирани страници на интернет за пронаоѓање „сродни“ души, кои претставуваат замена за некогашните агенции за брачно посредување.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот