X
 21.06.2017 Живот

Како Фројдовата „Дора“ го добила името?

Зигмунд Фројд објавил неколку истории на случаи од своите пациенти. Случајот со лечењето на 18 годишната пациентка која имала хистерија, Фројд ја објавил во 1905 година, под псевдонимот Дора. 

Познато е дека се работи за Ида Бауер, ќерка на богат индустријалец, кој ја испратил на психоаналитичко лечење заради честите и бројни психосоматски симптоми (тешко дишење, кашлање, неможност за говор, болки во стомакот, депресија, повлекување од социјалниот живот).

Нејзината терапија траела околу 3 месеци, па потоа дошло до извесно подобрување. Кога Фројд преминал на разрешување на тајните и болните, скриени комплекси, таа престанала со доаѓањето на третмани. Кога бирал псевдоним за својата пациентка, чиј случај сакал да го објави, а да го заштити идентитетот, Фројд веднаш се сетил на името Дора. Бидејќи еден од неговите ставови бил дека не постојат појави во психичкиот живот кои не се детерминирани, се прашал од каде и зошто баш ова име се наметнало како логичен и единствен можен избор.

За тоа тој пишува во едно поглавје од книгата „Психопатологија на секојдневниот живот“:

„Подготвувајќи се за печатење на историјата на болест на една моја пациентка, се прашував како да ја наречам. Изгледа дека изборот е многу голем, па не би требало да имам проблем. Ми се појави само едно женско име – дора. Со неверување сакав да ја отстранам првата помисла – така се викаше дадилката која ги чува децата на мојата сестра. Но, јас имам голема самодисциплина и пракса во анализирањето, па често се држам до идејата и продолжувам понатаму. Тогаш низ глава ми прелета еден мал инцидент од претходната вечер. На трпезариската маса кај мојата сестра видов писмо со натпис – За госпоѓица Роза. В.

Зачуден, ја запрашав кој така  се вика и дознав дека всушност вистинското име на Дора е Роза и дека кога ја прифатила работата, морала да го смени, бидејќи мојата сестра довикувањето по Роза, би можела да си го препише на себеси. Си реков со жалење – кутрите луѓе. Тие ни своето име не можат да си го задржат. Сега се сеќавам дека кога слушнав за тоа замолчев на момент и почнав да размислувам за многу сериозни прашања, кои исчезнаа некаде во темнината, но кои сега лесно можам да ги вратам во својата свест. Кога утредента барав име за личноста која не смеела да го задржи сопственото име, не ми падна на памет ниедно друго освен Дора. Впрочем, таа исклучителност овде е заснована на цврсти внатрешни асоцијации, бидејќи во историјата на болеста на мојата пациентка, странецот во куќата, дадилката, била личноста чие влијание бил пресуден за текот на нејзиното лечење.“
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот