X
 29.09.2025 Живот

Младата певица Сара Јанева дебитира во операта „Волшебната флејта“ од Моцарт во Швајцарија, публиката воодушевена

Младата оперска певица Сара Јанева, која во моментов е дел од оперското студио при Факултетот за уметности во Берн, Швајцарија, дебитира во операта „Волшебната флејта“ од Волфганг Амадеус Моцарт.

25-годишната Сара Јанева е македонски мецосопран и веќе една година живее и ја гради својата кариера во Швајцарија. Сара дебитира во улогата на втората дама во операта „Волшебната флејта“ на Моцарт како член на TOBS (Theatre Orchestra Biel Solothurn).

За оваа продукција на „Волшебната флејта“ се предвидени 25 претстави во периодот од 11 септември 2025 до 14 јануари, но се прават обиди и за нови дополнителни датуми во Бил и Солотурн, бидејќи картите за претставите во овие градови многу брзо се распродадоа.



Во оваа режија трите дами се облечени во еден заеднички костум - (три здолништа споени заедно), кој ги поврзува сите три и не им дозволува индивидуални движења. Плетенките што им се прикачени на самите перики и им ги поврзуваат главите исто така и придонесуваат за многу интересен изглед при секој обид за индивидуалност. Ова носи симболика дека тие се осудени да бидат вечно заедно, без разлика на различностите што во себе ги носат како ликови: Првата дама има енергија на лидер и вистинска егоистична дива, втората дама (Јанева) е ведар романтичен лик и развива силни емоции кон принцот Тамино, па кога разбира дека тој всушност не ја ни забележува покрај принцезата Памина, не може да ги сокрие своите солзи и драматичноста, па нејзиното шамиче за плачење е детаљ што се провлекува до самиот крај. И третата дама е прикажана како силна и емоционално недостапна.

- Премиерата помина прекрасно. Позитивна критика добија трите дами за совршената вокална усогласеност и прецизност и гламурот што е изразен преку костумот. Швајцарската радио-телевизија исто така зборуваше за оваа продукција. Публиката не останува рамнодушна и не ги чува своите ставови за себе, па веќе неколку пати добиваме коментари дека тоа се најдобрите три дами што некогаш ги слушнале овде, а тоа нам ни дава посилни волја да се подобруваме и секој следен настап да биде уште поквалитетен - истакна Сара Јанева за Факултети.мк.



Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот