X
 19.02.2025 Наша тема

„Незаменливо е чувството кога некој доаѓа по вторпат да ужива во мојата музика“, вели Сара Јанева, оперска певица која потпиша договор со оперска куќа во Швајцарија

Сара Јанева е млада оперска певица-мецосопран која во моментов е дел од оперското студио при Факултетот за уметности во Берн, Швајцарија. Таа е првата солистка од Македонија што потпиша договор со операта во Бил и Солотурн и наскоро ќе дебитира во операта „Волшебната флејта“ од Волфганг Амадеус Моцарт.

- Навистина се радувам на овој мој прв договор со оперска куќа како солист каде што ќе дебитирам во улогата на Втора дама во операта „Волшебната флејта“ од Волфганг Амадеус Моцарт. За мене, тоа е награда за сиот досегашен вложен труд и ме мотивира да работам уште повеќе - се првите впечатоци на Јанева за она што ја очекува.

Во моментот работи со познатиот сопран Малин Хартелиус, многугодишен солист на операта во Цирих.

- Јас одлучив работата од соништата да ми стане реалност. Деновите претежно ми се посветени на усовршување на вокалната техника и мојот талент со помош на мојот ментор и другите професори во оперското студио. Часовите и пробите се интензивни и потребна е голема дисциплина. Концертите се секојдневие каде што може да блеснеме во полн сјај, да го покажеме она што го работиме и да се поврземе со нашата публика. Најмногу се радувам кога ќе дознам дека некој што не ме познав лично доаѓа по втор и трет пат само за да ужива во мојата музика. Тоа е незаменливо чувство кое навистина ме охрабрува да поставувам нови цели постојано - вели нашата оперска певица за својата работа од соништата.



Сара е родена на 1 јануари 2000 година во Струмица, каде што и го започнува своето нижо музичко образование. Образованието го продолжува во средното музичко училиште во Штип, во класата на професорката Виолета Арсовска, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсек соло пеење во класата на професорката Славица Петровска-Галиќ.

- Од многу мала почнав да ја изучувам музиката. На осумгодишна возраст го започнав нижото музичко образование изучувајќи го инструментот пијано. Сама го направив изборот и одлучив да се запишам во средно музичко образование на отсек соло пеење. За голема среќа, сите овие години моите родители ми се најголема поддршка, па иако доста млада, дозволија да го направам својот избор. Продолжив на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што дипломирав на отсек соло пеење. Мојата природа отсекогаш е склона кон уметничките вештини и сметам дека тоа беше клучно за да го направам овој избор. Бев одличен ученик и студент и работите се движеа во позитивен правец. Израснав во млад уметник кој продолжува да ги развива вештините на следно ниво во една навистина сериозна средина - ја почнува Сара својата животна приказна.

Сара дипломира во класата на професорката Весна Ѓиновска-Илкова. Покрај своите ментори, по дипломирањето работела и со македонските примадони Милка Ефтимова и Ана Дурловски.

- Годините поминати на Факултетот за музичка уметност беа исполнети со многу музика и дружење. Имав прекрасни професори со огромно знаење кое несебично го споделуваа со нас. Би било убаво ако може барем на еден ден да се вратам во тие денови - се присети Јанева на времето поминато на ФМУ.



Таа откри и каков е образовниот систем во Швајцарија и каква работна дисциплина ги краси тамошните граѓани.

- Интересна е работната дисциплина на Швајцарците и „чудото“ сѐ околу тебе да функционира -што повеќе би рекла дека е генерално општествен и економски момент.
Факултетите се многу добро структурирани и се во служба на студентите. Професорите се достапни и секогаш отворени за комуникација со цел подобар резултат. На крајот од семестарот имавме состанок со надлежните на факултетот каде што од студентите се очекуваше да го споделат своето мислење за целокупната работа на факултетот и конкретната програма која ја изучуваме и да искажат свое мислење на различни теми, со цел подобрување на квалитетот - вели Сара.

Како студент, редовно настапува на концертите организирани преку Факултетот за музичка уметност во Скопје, Музичка младина на Македонија, гала-концерт „Коста Трпков“ Денови на македонската музика. Беше дел од концертите посветени на руската романса, познати како Романсијада и фестивалот Балканска романсијада, на кој има добиено една втора и една прва награда. Има многу настапи и неколку награди кои многу ѝ значат.


Фото:Producto.io
- Во Македонија создадов база и започнав да се градам како музичар. Сум настапувала на многу концерти и фестивали од различен карактер. Не можам да издвојам еден таков настан бидејќи сите тие придонеле денес да сум таа што сум и се радувам на сите настапи и фестивали: Скопско лето, Денови на македонската музика, концертите организирани од Музичка младина на Македонија, натпреварите и концертите посветени на руската романса и искуството што го добив како член на професионалниот мешан хор Про Арс. Имав и неколку свои солистички концерти - истакна Јанева.

Во 2022, како дел од летната академија на маестро Џорџ Пеливанијан, настапува на концертни изведби во 11 различни градови во Словенија со операта „Кармен“ од Жорж Бизе.

- Веднаш по моето дипломирање на Факултетот за музичка уметност, ја поминав аудицијата за Летната оперска академија на маестро Џорџ Пеливанијан во Словенија, каде што се изведуваше операта „Кармен“ од Жорж Бизе. Еден месец бевме сместени во Блед. Првиот дел од месецот се состоеше од проби со маестро Пеливанијан и познатиот словенечки тенор Јанес Лотрич, а во втората половина се одржаа концертите во 11 различни градови во Словенија. Меѓутоа, подготовките за една улога започнуваат неколку месеци претходно. Колку порано, толку подобро. Тоа се случи по моето дипломирање и беше многу корисен настан за мојот уметнички развој - објаснува оперската певица од Струмица.


Фото:Producto.io

Сара Јанева ја инспирираат уметници од класичната музика, но и од другите музички жанрови. Љубопитна е и за традиционална музика од различни средини.

-Ме инспирираат музички уметници од сериозната музика, но се разбира и од другите музички жанрови. Сакам да ги слушам Чечилија Бартоли, Елина Гаранча, Леа Десандре од помладите мецосопрани, меѓутоа, понекогаш знам да се навратам и на постарата школа оперски певици како Елена Обрзцова од мецосопраните и Едита Груберова од сопраните. Се разбира дека слушам и сериозна инструментална музика. Во слободно време сакам да слушам џез. Најчесто ги слушам Бил Еванс и Мајлс Дејвис. Љубопитна сум и за традиционалната музика од различни средини. Особено ми е интересно кога откривам нешто ново што воопшто не е блиску до нашата традиционална музика.
Во 2023 учествува на премиерата на „Барабас“ - опера на Андреј Максимов заедно со студентите од Факултетот за уметности во Берн, Швајцарија. Освен во својата земја, како соло изведувач Јанева има настапувано и во Србија, Бугарија, Словенија, Австрија, Грција и Швајцарија, а следното лето најверојатно ќе има настапи пред домашната публика во Македонија.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема