X
 26.06.2026 Живот

Прескокнувањето на оброците може да доведе до симптоми слични на депресија

Знаеме дека храната е важна, а особено редовните, здрави оброци. Знаеме дека тоа е важно за физичкото здравје, но се чини дека е и за психичкото.
Важно е редовно и здраво да се јаде и тоа е нешто што одамна сме го научиле. Знаеме дека тие редовни оброци – особено кога внимаваме на тоа што внесуваме во себе – прават исклучително многу за нашето здравје, за здравјето на нашето тело. Но, се чини дека прават многу и за нашата психа.

Една студија ги поврза редовните оброци со помала веројатност за појава на симптоми на депресија. Неодамнешна анализа откри дека луѓето што често ги прескокнуваат главните оброци почесто пријавуваат чувство на депресија, иако јадењето разновидна храна може да помогне во ублажувањето на оваа поврзаност. Истражувањето е објавено во списанието „Џурнал оф афектив дисордерс“.

Депресијата, која погодува речиси 280 милиони луѓе во светот, бара лекување, па стручњаците често ги земаат предвид животните настани, генетиката и „хемијата“ на мозокот. Неодамна тие почнаа да посветуваат повеќе внимание на животните рутини, вклучувајќи ги исхраната и секојдневните прехранбени навики. Времето на внесување храна помага во регулацијата на внатрешниот часовник на телото, познат како циркадијален ритам. Тој дневен ритам диктира сѐ, од обрасците на спиење до производство на хормони. Кога јадеме нередовно, тоа може да ги наруши нашите внатрешни циклуси. Тогаш се нарушува и ослободувањето на кортизолот, кој управува со одговорот на телото на стрес. Со текот на времето тоа може да ја намали емоционалната отпорност. Освен тоа, се смета дека нередовната исхрана го менува составот на бактериите што живеат во дигестивниот тракт. Желудникот и мозокот постојано си испраќаат сигнали еден на друг, споделувајќи информации за глад, ситост и стрес. Нередовните оброци можат негативно да влијаат врз оваа комуникација и да ја нарушат цревната бариера. Кога цревниот ѕид е слаб, тоа може да предизвика благо воспаление во телото, состојба која често се јавува кај пациенти со депресија.

Важни секојдневни избори


Поголемиот дел од истражувањата за исхраната и менталното здравје се фокусираат на специфичната храна што луѓето ја консумираат или, евентуално, на времето на оброците. За да ја утврдат поврзаноста меѓу нередовните оброци и депресијата, тие посегнаа по сеопфатни податоци. Така, во Клиниката за стрес во болницата „Сент Мери“ во Сеул, Јужна Кореја, го спроведоа ова истражување засновано на здравствени картони од огромна национална база на податоци. Целта беше да се обезбедат насоки за однесување кои можат да им помогнат на поединците во управувањето или спречувањето на нарушувањата на расположението преку секојдневните животни избори. Истражувачите ги испитаа податоците на 21.568 возрасни лица кои учествувале во Корејското национално истражување за здравје и исхрана помеѓу 2014 и 2022 година. Тие дојдоа до заклучок дека постои доследен модел на поврзување на прехранбените навики со менталната благосостојба. Лицата што имале најмногу нередовни оброци имале 1,55 пати поголема веројатност за појава на симптоми на депресија во споредба со оние со многу редовни оброци. Колку што распоредот на оброци бил понередовен, толку поголема била веројатност да се појави лошо расположение. Освен тоа, се покажа дека консумирањето исклучително разновидна исхрана ја намалува врската меѓу нередовните оброци и депресијата. Не е добро ниту да се прескокнува појадокот – се покажа дека тоа дополнително ја зголемува веројатноста за депресија кај оние со нередовни оброци.

Извор: miss7zdrava
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот