Македонските ученици веќе дваесет години бележат исклучително лоши резултати на референтни меѓународни тестирања. Резултатите од годинешнава ПИСА-студија го потврдуваат тоа, како и оние на последното ТИМСС-тестирање.
Зошто на Македонија ѝ оди сѐ полошо? Причината за тоа лежи исклучиво во лошите образовни реформи.
Македонските ученици и на последното ПИСА-тестирање не успеаја да го подобрат својот континуирано лош „пласман“. Ваквиот тренд на континуирано опаѓање на квалитетот на македонското образование е евидентен, трае веќе две децении и фрла темна дамка врз креаторите на македонската образовна политика. Но, зошто на Македонија ѝ оди сѐ полошо? Резултатите на последната ПИСА-студија мора да претставуваат дополнителна опомена за лошата македонската образовна политика и барање одговорност за тоа од надлежните. Дури и без оглед на резултатите на ПИСА-тестот, критиките за лошите реформи во македонскиот образовен систем се покажаа оправдани во целост зашто факт е дека учинокот на македонските ученици континуирано опаѓа. Стручната јавност долго време бара суштинска надградба на македонскиот образовен систем, првенствено преку квалитетни учебници и квалитетни наставни програми.
За нештата да бидат уште полоши, во предвечерјето на ПИСА-студијата Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го изгуби својот статус што го имаше на референтната Шангајска листа.
Првото очигледно реформско промашување во основното образование беше воведувањето на деветгодишното основно образование – деветолетката. Потоа следуваа едностраното воведување на Кембриџ програмата и екстерното тестирање. На крајот крајно безочно спроведената реформата на Мила Царовска, односно таканаречената нова концепција во основното образование го дотолчи и тоа што остана квалитетно во македонското образование.
Згора на тоа, во несфатлив обем наметнатата административна работа на наставниците им ја одзеде можноста за непречено да се фокусираат на квалитетот на наставата, туку едноставно се принудени да трошат премногу време и енергија на исполнување на нејасни административни барања за потреби кои им се познати само на оние што им ги наметнале.
Изминативе две децении во македонското образование не беше спроведена ниту една суштинска реформа како што е, на пример, потребата од итна реформа на уписната политика, потребата од квалитетни учебници, квалитетни наставни програми и доследно запирање на ползувањето на вештачката интелигенција во наставата.
Последната најава на министерката Јаневска за воведување на таканаречена „целодневна настава“, односно сите ученици независно од бројот на часови што ги имаат по распоредот задолжително да мораат да престојуваат во училиште од 8 до 16 часот претставува кулминација на промашените реформи во образованието!
Имено, долгиот престој во училиште сам по себе не може да даде никаков резултат! Напротив, тој ќе резултира со замор, губење на концентрација кај учениците, а долгото седење во клупите долгорочно и со можни деформитети на `рбетниот столб.
Како изгледа ПИСА-студијата?
На секои три години ученици учествуваат во ПИСА-студијата. ПИСА е кратенка за „Програма за меѓународно оценување на учениците“ и се смета за најважен споредбен тест за квалитетот на образованието во светот. Учесниците се на возраст од 15 години, а тоа значи дека учат во средно училиште кое во Македонија е дел од задолжителниот образовен процес.
За да можат да го започнат својот професионален развој, младите треба да имаат сеопфатни познавања од математика, читање со разбирање и природни науки.
Овие три наставни дисциплини се опфатени со ПИСА-тестот, при што една од нив секогаш е ставена во преден план.
ПИСА-студијата се состои во решавање двочасовен тест во кој има задачи со различна тежина. Тестот вклучува одговарање на прашања од затворен тип со повеќекратен избор, како и прашања од отворен тип на кои може слободно да се одговара. Меѓутоа, за разлика од повеќето класични тестови, ПИСА-тестот не го тестира само градивото кое треба да биде научено согласно наставната програма, туку тестира колку се способни учениците да го применат стекнатото знаење во секојдневни ситуации. На пример, да дадете инструкции за плочкар кој треба да намести специфично дизајнирани плочки. Или, на пример, да успеете да прочитате мапа на град за да ја најдете најкратката патека или маршрута од едно до друго место. Или задача од типот: Со помош на алатка за симулација да откриете каков долгорочен ефект имаат различни заштедени суми.
Македонските ученици повторно под просекот!
Како и на претходните студии на кои учествувавме, пласманот ни е непроменет. Се наоѓаме речиси заковани на дното! Ако ни е некаква утеха, на последната ПИСА-студија и во некои други индустриски поразвиени земји од Македонија, вештините на учениците покажаа пад, но во Македонија катастрофалната состојба е во континуитет и е развиена до натпросечен степен со лошите образовни политики во последните две децении. Нашите ученици се претставија во уште едно потпросечно издание. На почетокот на учеството во ПИСА-студијата како дебитанти сосема е очекувано резултатите да не ви бидат врвни, но тоа што го гледаме почнувајќи од 2006 година во континуитет покажува дека перформансите на македонските ученици во континуитет се лоши и под просекот на најголемиот дел од европските земји.
Поделени во поединечни категории, резултатите покажуваат дека помалку од една третина од македонските ученици постигнале некакви задоволителни резултати (само 9 отсто). Останатите, мнозинството за жал, постигнале најниско ниво на компетенции во најмалку еден од трите тестирани наставни предмети, а некои, верувале или не, по сите три тестирани наставни предмети, односно дисциплини. Нивните перформанси се толку слаби што мора да констатираме (исклучиво според покажаниот резултат) дека дури на 70 отсто од тестираните ученици им е потребна дополнителна стручна поддршка во школувањето за да го завршат успешно, односно да напредуваат во следната учебна година (во случајов втора, трета, па и четврта година средно образование) и да продолжат да студираат или евентуално да работат по струка веднаш по завршувањето на средното образование. Сите тестирани ученици се иднината на Македонија и тие по завршувањето на школувањето треба да учествуваат и во сите сфери од општествениот живот.
Зошто квалитетот на македонското образование континуирано опаѓа? За овој проблем сосема логично постојат различни објаснувања и толкувања. Но, две главни причини се лошата образовна политика и семејната ситуација кај младите. Како последица на падот на стандардот во Македонија паѓа и економската моќ на семејствата. Учењето од дома најдобро покажа дека родителите можат само во ограничен обем да им помогнат на своите деца со училишните задачи. Тоа значи дека процесот на учење се одвива исклучиво во училиште. Дома главно се совладува наученото, односно тоа што треба да биде научено.
Потребни се суштински реформи во образованието!
Немањето квалитетни учебници, исто така, е една од причините. Постојаните, но несуштински реформи во образованието на кои остро реагира стручната јавност, изминативе две децении исто така влијаат врз падот на квалитетот на образованието. Сето тоа влијае и врз мотивацијата кај наставниците и кај учениците!
Македонските ученици само делумно ја согледуваат поврзаноста на наставните содржини со реалниот свет. Ова им отежнува да препознаат колку е важен некој наставен предмет за подоцнежниот живот.
Резултатите на ПИСА-студијата мора да претставуваат дополнителна опомена за лошата македонската образовна политика и барање одговорност за тоа од надлежните. Дури и без оглед на резултатите на ПИСА-тестот, критиките за лошите реформи во македонскиот образовен систем се покажаа оправдани во целост зашто факт е дека учинокот на македонските ученици опаѓа. Стручната јавност веќе долго време бара суштинска надградба на македонскиот образовен систем, првенствено преку квалитетни учебници и квалитетни наставни програми. Тоа е исто толку важно како и пронаоѓањето на нови суровини и иновативни технологии. Благодарение на референтната ПИСА-студија и последното ТИМСС-тестирање, располагаме со прецизни параметри како котира нашето образование во светски рамки. Затоа постои потреба од итна сеопфатна реформа на уписната политика во средните училишта, која ќе се потпира на објективноста на оценката добиена од наставникот преку создавање одржливи механизми за следење на напредокот на постигнувањата на учениците и наставниците.
Контрапродуктивно е да креваме паника околу добивањето слаби оценки. Со реформирањето на уписната политика македонските ученици ќе можат да постигнуваат добри резултати без да бидат изложени на поголем притисок.
Министерството за образование и наука е токму институцијата која со спроведување соодветни реформи има задача да го унапредува образованието, но за жал, оваа институција со секоја своја реформа изминативе две децении (не)свесно го уназадува образованието.
Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност