Кога Наполеон и неговата легија од повеќе националности се повлекувале од Русија во 1812 година, соочени со недостиг на храна и жесток руски отпор, никој не можел да претпостави дека најлошото допрва доаѓа.
За време на повлекувањето, најмалку половина од армијата со 600.000 војници биле погодени од суровата зима, глад и болести. Сега, ново истражување конечно открива кои патогени ги уништиле ослабените сили.
- Возбудливо е што можеме со современа технологија да детектираме и дијагностицираме нешто што било закопано цели 200 години - вели метагеномскиот истражувач Николас Раскован од Институтот „Пастер“ во Франција.
Лекарите во тоа време документирале случаи на тифус, чија симптоматика вклучува треска, главоболки и исип. Но, истражувачите не пронашле траги од бактеријата „Rickettsia prowazekii“, која е причинител на болеста.
По екстракцијата и анализата на древната ДНК од забите на 13 војници, научниците откриле дека тие страдале од комбинација на паратифус, предизвикан од сој на „Salmonella enterica“, и треска предизвикана од бактеријата „Borrelia recurrentis“, која се пренесува преку вошки.
- Иако не е секогаш смртоносна, повратната треска пренесена преку вошки може сериозно да го ослаби веќе изморениот човек - објаснуваат истражувачите во трудот.
Научниците предупредуваат дека фактот што не бил откриен тифус не значи дека болеста не придонела за големата смртност, бидејќи анализата била направена на мал број примероци. Во масовните гробници пронајдени во Вилнус, Литванија, во 2001 година, лежат над 3.000 тела.
Некои истражувачи и натаму сметаат дека повеќе болести ги опишуваат симптомите забележани во историските извештаи, вклучувајќи го и тифусот. Голем дел од војниците биле погребани во униформи, заедно со своите коњи, а недостигот на оружје укажува дека тие не загинале во борба.
- Потребна е анализа на поголем број примероци за целосно да се разбере спектарот на епидемските болести што ја погодиле армијата на Наполеон за време на повлекувањето од Русија. Според нашите резултати, најверојатно сценарио за смртта на овие војници е комбинација од замор, студ и неколку болести, меѓу кои паратифус и повратна треска пренесена преку вошки - велат научниците.
Извор:
Science Alert
Фото:
Wikipedia