Дали некогаш сте слушнале за поимот „сив развод“? Овој термин се однесува на разводи меѓу парови на подоцнежни години, обично во педесеттите години или подоцна, и се случува поради различни причини.
Додека помладите парови често се разведуваат поради неверство, насилство, финансиски проблеми или недостиг на искуство во долгорочни односи, постарите парови најчесто се разделуваат поради низа наталожени проблеми што се појавуваат низ годините. Бројот на „сиви разводи“ незначително пораснал меѓу 1970 и 1990 година, но во 2010 година се удвоил, а стапката и понатаму расте.
Психологот Чивона Чајлдс објаснува дека овие промени во стапките на развод се резултат на подолгиот животен век, промените во традиционалната култура и новите општествени ставови за значењето и придобивките од бракот.
- Ова повеќе не е 18, 19 или 20 век. Останувањето во брак што не ве исполнува повеќе не е неопходно. Жените денес имаат многу поголема финансиска стабилност и флексибилност во своите животи, а повеќе од кога било претходно обрнуваме внимание на менталното здравје. Повеќе не сме сведени на тоа да мораме да останеме во брак само поради финансиска сигурност - вели Чајлдс.
Други причини поради кои паровите се одлучуваат на „сив развод“ се еднострани односи во кои партнерите имаат различни интереси, соништа и цели; чувство на стагнација во бракот; потреба од независност; желба за личен раст, ментална благосостојба и подобар квалитет на живот.
- „Сивиот развод“ често е избор направен со цел подобрување на животот и личен развој. Потребна е голема храброст за да се донесе таква одлука, но најчесто луѓето го прават тоа од вистински причини - нагласува Чивона Чајлдс.
Извор:
n1info.hr
Фото: Pexels