X
 22.04.2017 Наука

Неверојатно: течноста со „негативна маса“ се движи во обратна насока


Капки течност
(Фото: Thinkstock)

Професорот Питер Енгелс и неговите колеги од универзитетот во Вашингтон, создадоа течност со „негативна маса“, пренесува Би-би-си.

Во секојдневниот свет, предметите кога ќе се „поттурнат“ се движат во истиот правец со силата што ги придвижила. Оваа врска се опишува со вториот Њутнов закон.

Меѓутоа, во теоријата материјата може да има и негативна маса во иста смисла како и електичниот полнеж кој може да биде позитивен или негативен.

Енгелс и и неговиот тим ги оладиле атомите на рубидиумот речиси до температура на апсолутна нула (минус 273 степени Целзиусови), создавајќи таканаречен Бозе-Ајнштајнов кондензат.

Честичките во оваа состојба се движат вонредно бавно, следејќи ги обрасците кои ги предвидува квантната физика и се однесуваат како бранови.

Тие исто така се синхронизираат и се движат заедно, создавајќи таканаречена „супертечност“ која тече без губиток на енергија.

За да создадат услови за негативна маса, научниците со ласери ги „заробиле“ атомите на рубидиумот и ги движеле напред-назад, менувајќи го нивниот спин.

Кога атомите се ослободиле од ласерската стапица, се прошириле, а некои од нив добиле негативна маса.
„Кога ќе поттурнете предмет со негативна маса, тој забрзува кон вас. Изгледаше како рубидиумот да удрил во невидлив ѕид“, истакна Мајкл Форбс, професор по физика на универзитетот во Вашингтон.

„Она што е многу важно при овој експеримент е што успеавме да воспоставиме контрола над овој феномен без какви било други компликации“, додаде тој.

Оваа техника ќе биде користена за стекнување подобар увид во природата на негативната маса, како и испитувањето на потенцијалните врски меѓу негативната маса и различните феномени во вселената, како неутронските ѕвезди, црните дупки и темната енергија.

Истражувањето е објавено во „Physical Review Letters“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука