Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски-Иџе ја започна новата сезона во која ќе се обиде да стигне до четвртата титула во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки.
Стефановски и годинава ќе се трка со возило на италијанскиот гигант „Ферари“, со моделот „ферари 488 B8“, специјално дизајниран за овие патеки. На неговото возило ќе има и црна боја на трките низ Европа како знак на почит кон настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани.
Игор Стефановски-Иџе е најголемиот спортски амбасадор на нашата држава. Миленикот на младата генерација, во интервју за „Факултети.мк“ се присети на своите почетоци, откри како се подготвува, колку чини еден автомобил и како се справува со сите предизвици во светот на адреналинот.
Кога одлучи автомобилот и трките да ти бидат животни сопатници?
- Како дете не ми беше пасија фудбалот, ниту кошарката, туку трките. Живеевме на Водно крај самиот старт на ридската трка, токму каде што почнува, и тоа беше пресудно да се занимавам со трки. Од 9-10 години ништо друго не сум сакал.
Се сеќаваш на првиот звук на автомобилот на својата прва трка, како си помина на дебито во професионалните води?
- Се сеќавам. Во 2002 година со возило на мојот брат, позајмено „југо“, имав прва трка како дебитант на мои 18 години. Се возеше кружна трка кај МТВ во Скопје. Освоив пол-позиција од 23 автомобилисти кои беа навистина добри во својата класа. Тоа ми влеа страв бидејќи првпат освоив пол-позиција, но и ми даде поттик за тоа што го правам денес.
Какво е чувството кога си во гаражата на „Ферари “, еден од најмоќните брендови во автомобилската индустрија?
- Тоа е сон на секој човек, особено на оние што се занимаваат со автомобилизам. „Ферари“ е брендот кој треба да се искуси по секоја цена, иако можеби не е со најголеми перформанси, секој сака да вози со „ферари“. Чест и привилегија е што сум првиот човек од Балканот кој го претставува овој бренд.
Ова е специфичен спорт кој бара многу вложување, колку е тешко да се стигне до добар автомобил и колку чини да се подготви и одржува во текот на една сезона?
- Автомобилизмот е еден од најскапите спортови. Ова првенство во кое се натпреварувам десетина години е на врвно ниво. Тимовите имаат огромни буџети каде што парите не се пречка за што било. Автомобилите може да чинат од 150.000 евра, барем оние што јас сум ги возел, до 600.000 евра за оние најдобрите, кои се тркачки направени и подготвени од самите фабрики. Се работи за едно мало богатство.
Како се подготвуваш за одредена трка, физички и ментално?
- Повеќе ментално, немам време за физички подготовки. Ние сме земја која е доста оддалечена од овие трки. Оваа сезона имаме 11 трки, премногу ме заморува тоа, иако во моментов имам услови да патувам со авион, не сакам да го оставам мојот тим и патувам со него по копно, бидејќи тоа се луѓе кои ги чувствувам како мое семејство. Имам доверба во тие луѓе, се трудам секогаш да сум со нив, но верувајте тие патувања многу ме заморуваат и немам време да се подготвам физички, но и ми даваат некое убаво чувство дека ние како мал тим правиме сѐ за да постигнеме големи резултати, да се бориме со големите тимови.
Кои патеки ти се омилени и на која си ја почувствувал најголемата возбуда борејќи се за првото место?
- Како автомобилист не би можел да одвојам патека. Сум учествувал на кружни натпревари 5-6 сезони во кои сум направил сериозни успеси, но некако брдските трки се дисциплината во која се пронаоѓам. Ризикот е преголем, опасноста е многу поголема. Ова се гладијаторски трки, возите под различни временски услови, на неприспособени патеки, на асфалт кој не е приспособен за овие брзини. Голем предизвик се, но умешноста на натпреварувачите кои учествуваат на овие трки е навистина голема.
Веќе 20 години си во професионалниот автомобилизам, од каде црпиш инспирација и мотивација?
- Љубов, без тоа не би можел. Секој ден, секое будење ми е со мисла да направам нешто ново, да имам подобри перформанси во однос на автомобилот, на трките. Се чувствувам како сега да почнувам со истата љубов и со истата инспирација како кога почнував и ни за милиметар не е поместено од тоа, истиот порив за победа и да докажам дека и од Македонија може да се победат и најдобрите и најголемите и да се биде над нив.
Ова е опасен спорт, си имал ли некој момент што те исплашил, претпоставувам стравот е нормална работа и кај професионалните возачи?
- Апсолутно, јас сум човек кој навистина се плаши од брзина. Кога сум сопатник во автомобил, се плашам од брзината и сум противник на брзото возење. Се плашам и кога има трка, имам трема, човек сум со емоции, без тоа би било залудно сѐ. Ова е ризичен спорт, сум имал доста судири, излетувања, превртувања, но секогаш со некоја Божја помош сѐ било како што треба.
Колку те поддржува семејството во работата и дали ги гледаат твоите трки?
- Кога можат да, навистина имам голема поддршка, тоа ми е нешто најсвето што го имам во животот. Со сопругата се трудиме двете деца да пораснат во вистински луѓе и тоа ми е од голема помош во однос на она што го правам како спортист, тоа ми дава поттик.
Тешко е да ѝ се објасни на јавноста дека животот на професионалните спортисти е тежок. Би сакал ли твоите деца да одат по патот што си го поминал?
- Нема прав одговор. Од една страна, не сакам бидејќи не би можел да ги гледам како учествуваат во ваков опасен и екстремен спорт. Од друга страна, не можете против гените. Засега успевам да избалансирам да не бидат толку внесени во трките, особено Олег. Ќе причекаме уште малку, сепак се тинејџери, но доколку одлучат и покажат волја, ќе ги поддржам и ќе ги насочам како што треба. Како спортист, знаејќи кои ризици ги носи овој спорт, навистина не би сакал да се занимаваат со него.
Кои пораки преку автомобилизмот и спортот може да ѝ ги пренесеш на публиката, чувствуваш ли дека се менува нешто во нашиот менталитет како Македонци?
- Мислам дека се менува, но сето тоа оди некако бавно. Поголем период сум надвор од Македонија и гледам како луѓето размислуваат во европските земји. Пред сѐ, во однос на сообраќајната култура сме на едно многу ниско ниво. Автомобилот мора да го управувате според правилата, кога ќе ги надминете неговите перформанси, тоа станува оружје во вашите раце кое може да повреди некого или да уништи нечиј живот или вие да се повредите. Мора сите заедно да работиме на тоа, генерациите што доаѓаат ќе го сфатат тоа и мора како општество да се трудиме да ги зголемиме безбедноста и сообраќајната култура, а и општо животот во земјава.
На денот на твојата венчавка се тркаше. Како изгледаше тој викенд и дали тоа е најлудата работа што си ја направил?
- Во мојата кариера навистина имало импресивни, луди работи кои можеби ќе бидат преточени во книга или филм. Не е само она што го гледаат луѓето - пехарот и убавината. Имало многу интересни анегдоти и случки, а возењето трка на денот од свадбата е една од нив.
Кои ти се следни предизвици?
- Предизвици ќе има многу, две трки во Франција и Австрија поминаа, ќе имаме уште девет. Таа во Франција беше една до најтешките во мојата кариера, возевме во магла и дожд, многу мои конкуренти излетаа, ги оштетија возилата, а јас завршив прв, но немав ниту волја да се радувам на тој успех бидејќи сепак сме колеги.
Фото: приватна архива