X
 30.04.2025 Живот

Пријавете се на хакатон на БЦСДН: Иновации за отпорност на граѓанскиот простор

Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) го најавува првиот и единствен Хакатон за граѓански простор, кој ќе се одржи во Скопје, на 17 и 18 јуни 2025 година. Една од повеќето цели на хакатонот е да се работи на креирање идеи со кои ќе се застане на патот на сѐ позачестените закани врз граѓанското општество во Западен Балкан со фокус на дезинформациите, кампањи на клеветење и сѐ поограничените ресурси за одржливост и функционирање на граѓанските организации.

БЦСДН создава можност и креира простор за невладините организации и академските институции од Западен Балкан да пријават свои тимови и да се приклучат на првиот Хакатон за граѓански простор: Иновирај за влијание!

Од БЦСДН велат: „Сакаме заедно да создадеме моќни решенија за некои од најитните закани со кои се соочува граѓанското општество денес: дезинформациите, кампањите на клеветење и ограничениот пристап до основни ресурси.“ Ова е шанса да се состават мешани тимови на активисти, ИТ-експерти, правници, комуниколози, дизајнери - и да осмислат можни решенија за поголема отпорност на граѓанското општество на заканите пред кои е исправено.

Наградниот фонд на хакатонот е 3.500 евра за победничкиот тим и 2.000 евра за второпласираниот тим.

Најдобрата идеја ќе добие финансии до 50.000 евра за понатамошен развој и апликативност на идејата, како и експертско менторство во текот на целиот процес од искусни ментори во технологија, комуникации, застапување и дигитални иновации. Вашето решение ќе биде претставено низ целиот регион и пошироко преку мрежата и партнерите на БЦСДН.

Два предизвици за кои итно се бараат идеи и одговори:

• Како да се спротивставиме на кампањите за клеветење и дезинформации кои ја еродираат довербата на јавноста во граѓанските организации?
• Како да се спротивставиме на рестриктивните и политизирани практики за финансирање на граѓанските организации кои истовремено ја поткопуваат нивната независност?

Повикот е отворен за сите граѓански организации и академските институции од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија)
да формираат интердисциплинарни тимови од 4 до 6 лица земајќи ги предвид следните критериуми:

• Водечкиот апликант мора да биде регистрирана граѓанска организација или академска институција од регионот.
• Апликации од индивидуи не се прифаќаат.
• Тимовите мора да бидат формирани од лица со различни профили и различни вештини - од активизам до технологија, дизајн, право, комуникации или наука.
• Учесниците да бидат посветени и подготвени интензивно да работат пред и за време на настанот.

Учеството на хакатонот е бесплатно, а сите трошоци за учество се покриени од организаторот.
Тагови:

Издвојуваме

Живот