Изминативе денови на социјалните мрежи кружи интересна мапа на Европа која поттикна многу расправи, коментари и шеги.
Посебно внимание привлекоа државите обоени во црно, меѓу кои се издвојуваат Финска, Естонија и Унгарија.
Станува збор за мапа што прикажува колку време е потребно за да се научи јазикот на одредена европска држава. Земјите се поделени по бои, во зависност од проценетата тешкотија при изучување на јазикот. Колку е покомплексен јазикот, толку е подолг и периодот на учење.
Според оваа мапа, државите обоени во зелено се оние чиј јазик може да се научи за помалку од 12 недели.
Сината боја ги означува јазиците за кои се потребни околу 24 недели учење, портокаловата боја ги претставува оние што бараат околу 30 недели, додека со црвена боја се означени државите чии јазици бараат повеќе од 44 недели сериозно учење. Особено внимание привлекуваат земјите обоени во црно, кај кои не е наведен број на недели, туку стои само зборот „среќно“.
Интересно е што во зелената категорија завршиле само Обединетото Кралство и Северна Ирска. Причината е, секако, англискиот јазик, кој денес се смета за речиси универзален. Повеќето луѓе во Европа, но и пошироко, со англискиот се среќаваат уште од раното детство преку училиштето, филмовите, музиката и интернетот, па затоа многумина го доживуваат како „лесен“ јазик, без оглед на неговата реална граматичка и фонетска сложеност.
Со сина боја се означени земјите чии јазици се сметаат за умерено тешки. Во оваа група се Португалија и Шпанија, како и скандинавските земји, со исклучок на Финска. Во сината категорија спаѓаат и Италија, Франција, Данска, Белгија и Холандија, а интересно е што на оваа листа се најде и Романија.
Во портокаловата категорија се наоѓаат само Германија и Австрија, а германскиот јазик често се доживува како граматички тежок, со сложен падежен систем.
Сите други европски држави се обоени во црвено, што значи дека нивните јазици се сметаат за тешки и дека за нивно совладување се потребни повеќе од 44 недели. Во оваа група се најде и македонскиот, заедно со поголемиот дел од балканските и источноевропските земји.
Посебно внимание повторно привлекоа државите обоени во црно: Финска, Естонија и Унгарија. Авторот на тик-ток видеото посебно се осврнува на унгарскиот јазик, со коментар дека во речиси секоја европска земја може „некако нешто да се каже“ така што луѓето барем делумно ќе ве разберат, но во Унгарија нема шанси. Според него, унгарскиот јазик буквално звучи како измислен јазик од „Господарот на прстените“, целосно различен од сè што се зборува во остатокот од Европа.
Извор:
n1info.hr
Фото: Pexels