X
 30.04.2025 Живот

Возот е побрз и поевтин од авионот на кратки релации во Франција

Патувањето со воз е побрзо од летањето на некои кратки релации во Франција, покажува нова анализа.

Во 2023 година Франција воведе забрана за домашни кратки летови кога постои железничка алтернатива пократка од два и пол часа. Иако оваа мерка беше донесена со цел намалување на емисиите на јаглеродниот диоксид, најновата анализа покажува дека возот не само што е поеколошки, туку често е и побрз, па дури и поевтин избор.

Истражувањето на компанијата „Трејнлајн“, која се занимава со резервации за железнички билети, спореди пет национални маршрути за кои наскоро се очекува да исчезне можноста за авионски превоз. Резултатите покажуваат дека на некои релации патувањето со воз е речиси двојно побрзо отколку со авион.

На пример, од Рен до Париз со авион се патува 3 часа и 21 минута, додека со воз тоа трае само 1 час и 44 минути. Од Париз до Лион авионскиот лет трае 3 часа и 37 минути, додека патувањето со воз е само 2 часа и 11 минути.

Главната причина за оваа временска разлика е избегнувањето на долгите безбедносни проверки и чекања што се јавуваат кај авионскиот превоз.

- Иако времетраењето на летот на хартија изгледа поволно, тоа не ја одразува целокупната должина на патувањето со авион, која вклучува доаѓање до аеродромот, чекање пред поаѓање, безбедносни контроли, доцнења и чекирање - објаснуваат од „Трејнлајн“.

Дополнително, железничките станици обично се наоѓаат во центарот на градовите и се поврзани со јавен превоз, што значи помалку дополнително возење. Дури и кога ќе се пресмета препорачаното пристигнување на станица 30 минути однапред, возот останува поефикасен избор од летот, кој често започнува и завршува надвор од градот.

Според „Трејнлајн“, патувањето со воз не само што е побрзо, туку во просек е и 1,8 пати поевтино од авионскиот билет. На пример, со воз од Париз до Лион може да се заштедат околу 40 евра, додека од Марсеј до Лион заштедата изнесува 41 евро.

Што се однесува до влијанието врз животната средина, податоците се уште поимпресивни. Возот произведува речиси 100 пати помалку емисии од авионите. Патувањето од Париз до Лион со авион создава повеќе од 90 килограми CO₂ по лице, додека истата релација со воз резултира со само 0,69 килограми CO₂.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот