X
 30.05.2025 Наука

Револуционерен пристап во борбата против маларијата - лекување на комарците наместо нивно убивање

Паразитите на маларијата, кои годишно одземаат речиси 600.000 животи, главно на деца, се пренесуваат преку женките комарци кога цицаат крв. Традиционалната стратегија се фокусира на убивање на комарците со инсектициди наместо на третирање на нивните инфекции со маларија.

Сепак, истражувачи од „Харвард“ откриле два лека кои успешно ги лекуваат комарците од маларијата кога ги апсорбираат преку нозете. Долгорочната цел е заштитните мрежи за креветите да се обложат со комбинација на овие лекови.

Спиењето под заштитна мрежа досега беше едно од најефикасните средства за спречување на маларијата бидејќи комарците кои ја пренесуваат болеста најчесто напаѓаат ноќе. Дополнително, се препорачува вакцинација на децата кои живеат во региони со висок ризик од маларија.

Мрежите претставуваат физичка бариера, но содржат и инсектициди кои ги убиваат комарците при контакт. Сепак, во многу земји комарците развиле отпорност на инсектицидите, па тие веќе не се толку ефикасни како претходно.

- Досега навистина не се обидувавме да ги убиеме директно паразитите во телото на комарецот бидејќи вниманието беше насочено кон убивање на самиот инсект - вели д-р Александра Пробст од „Харвард“ и додава дека овој пристап повеќе не е доволен.

Евтина и долготрајна заштита


Истражувачите ја анализирале ДНК на паразитот на маларијата за да ги откријат неговите слаби точки додека се наоѓа во телото на комарецот. Од обемна база на податоци со потенцијални лекови, избрале 22 кандидати и ги тестирале така што ги хранеле женките со крв заразена со маларија.

Во својата објава во списанието „Нејчр“, научниците опишуваат два исклучително ефикасни лека кои 100 отсто ги уништиле паразитите. Лековите биле тестирани на материјал сличен на мрежите за кревет.

- Дури и ако комарецот преживее по контактот со мрежата, паразитите во неговото тело умираат, па тој повеќе не може да ја пренесува маларијата - објаснува д-р Пробст.

Таа додава дека е мала веројатноста паразитот на маларијата да развие отпорност на овие лекови бидејќи во заразеното човечко тело има милијарди паразити, додека во комарецот помалку од пет. Ефектот на лековите на мрежите трае една година, што може да ги направи евтина и долготрајна алтернатива на инсектицидите, сметаат истражувачите.

Овој пристап е потврден во лабораториски услови. Следната фаза е веќе планирана во Етиопија, каде што ќе се испита дали мрежите со овие лекови функционираат и во реални услови.

Потребни се најмалку шест години за да се завршат овие истражувања и да се утврди дали овој метод ќе биде успешен во борбата против маларијата.

Извор: Rts.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука