X
 30.07.2021 Живот

Снежен бран во Бразил, некои жители првпат во животот гледаат снег

Многумина во Бразил биле пријатно изненадени од снегот што го зафатил јужниот предел од земјата, но земјоделците се исплашени за неговото влијание врз овогодишниот род.

Деновиве се едни од најстудените во годината за Бразил. Некои жители во јужните региони дури првпат гледаат снег. Се појавил мраз во над 40 града во сојузната држава Јужно Рио Гранде, а снег имало во 33 града во четвртокот. На некои места снегот бил повисок од еден метар, пренесува „Дојче веле“.


За некои луѓе, ова била шанса да се направи првиот снешко, но за многумина ова е проблем бидејќи може да ги оштети плодовите, како кафето, шеќерната трска и портокалите. Снегот е последица на движење на поларен воздух во јужниот регион од Јужно Рио Гранде, кој ги спуштил температурите под нулата на високите места.

- Имам 62 години и никогаш не сум видел снег - изјавил локален жител.

Освен снегот, во Бразил имало и силни ветрови. Метеоролозите очекуваат студениот бран да се помести нагоре кон Сан Пауло и други региони.

Извор: DW
Фото: Screenshot/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот