X
 30.07.2025 Живот

Ова е единствената европска земја каде што дипломата од факултет ги намалува шансите за вработување

Дали дипломата навистина ве штити од невработеност во Европа? 

Одговорот е позитивен бидејќи податоците покажуваат дека во сите земји членки на ЕУ дипломираните имаат пониска стапка на невработеност во однос на просечната популација.

Сепак, ова не важи за цела Европа. Турција е единствената земја каде што ситуацијата е различна. Според податоците на „Евростат“, во Турција лицата со универзитетско образование почесто остануваат без работа.

Во текот на 2024 година невработеноста во Европа се движела од само 2,6 отсто во Чешка до 11,4 отсто во Шпанија, за граѓани на возраст од 15 до 74 години. Просечната стапка на невработеност во ЕУ изнесувала 5,9 отсто.

Покрај Шпанија, највисока невработеност имале и Грција, Турција, Србија, Финска и Шведска, сите над 8 отсто. Од друга страна, земји како Чешка, Полска, Малта, Германија, Исланд, Холандија и Словенија имаат стапка на невработеност под 4 отсто.

Невработеност кај високообразованите

Меѓу лицата со високо образование, најниска невработеност во 2024 година имале Чешка и Полска - по 1,4 отсто. Турција, пак, била на прво место по невработеност кај дипломираните - дури 9,2 отсто. Просечната невработеност меѓу дипломците во ЕУ изнесувала 3,8 отсто.

Веднаш зад Турција по стапка на невработеност кај дипломираните се Грција (7,3 отсто), Шпанија (6,9 отсто), Србија (6,5 отсто) и Франција (5 отсто).

Оттука, Турција е единствената земја во која дипломата ја зголемува веројатноста за невработеност. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) истакнува дека оваа појава е невообичаена.

Најголемата разлика е забележана во Шпанија, каде што невработеноста меѓу дипломците е речиси двојно помала отколку во општата популација.

Турција е единствената со негативен однос - 0,96, додека во ЕУ во просек дипломираните имаат 55 отсто помала веројатност да бидат невработени.

Најголеми разлики меѓу дипломци и вкупната популација во однос на невработеноста се забележани во Романија, Словачка, Бугарија и Унгарија.

Универзитетски бум во Турција

Во последните 20 години Турција е единствената земја во која дипломираните дури 12 пати почесто биле невработени отколку општата популација.

Во ЕУ јазот меѓу дипломираните и другите се намалува, што значи дека високото образование полека ја губи предноста.

Турција е рекордер според бројот на студенти во однос на бројот на жители - дури 95 на 1.000 луѓе.

Бројот на државни универзитети во Турција се има зголемено од 53 во 2003 година на 129 во 2018 година. Денес, Турција има вкупно 204 универзитети (129 државни и 75 приватни).

ОЕЦД предупредува дека бројот на високообразовани расте побрзо отколку што пазарот на труд може да го следи, па така експанзијата на образованието го загрозува квалитетот на студиите и ја намалува вредноста на дипломата на пазарот на труд.

Поради тоа, ОЕЦД советува Турција да го стави акцентот на квалитетот на студиите и нивната примена во практика.

Загрижувачки е и тоа што Турција е меѓу земјите со најмал број дипломци од СТЕМ-области - наука, технологија, инженерство и математика.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот