X
 30.08.2021 Живот

Бразилец успеал да прими пет дози од различни вакцини - го фатиле кога се обидел да прими шеста

Жител на Рио де Жанеиро ќе треба да им објасни на здравствените власти во Бразил како успеал да добие пет дози од различни вакцини против ковид-19 во период од 10 недели.

Во периодот од 12 мај до 21 јули, Бразилецот се вакцинирал со две дози од вакцините „Фајзер“ и „Коронавак“ и една доза од вакцината „Астра зенека“. Тој успеал да добие две дози во период од 13 дена, а бил откриен кога отишол да ја прими шестата доза, на 16 август.

Од градскиот совет на Рио изјавуваат дека наскоро здравствените власти ќе го контактираат Бразилецот за да откријат како успеал да ги прими вакцините во повеќе центри за вакцинација. Човекот отишол во три различни центри и го искористил тоа што дел од компјутерите имале проблем.

За да се вакцинираат, Бразилците треба да бидат во одредена возрасна група што одговара на објавениот распоред, да приложат лична карта, а за да добијат втора доза, треба да го покажат сертификатот што им бил даден кога ја примиле првата доза. Центрите за вакцинација не даваат избор со која вакцина да се вакцинираат граѓаните.

Рио де Жанеиро е тешко погоден од новиот бран и мораше да ја прекине имунизацијата на населението поради недостиг на вакцини. Сепак, пријавени се стотици случаи на измама, при што луѓето патувале на вакцинални пунктови во други држави за да примат вакцини по свој избор или трета доза.

За разлика од многу други земји, поддршката за вакцинација е на високо ниво во Бразил.

Извор: Brusselstimes.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот