Јапонскиот град Тојоаке соопшти дека планира да воведе ограничување за користење паметни телефони за своите жители на максимум два часа дневно.
Во обид да се справат со зависноста на населението од интернет и недостигот на сон, градските власти изработиле нацрт-уредба за ограничување.
Според нив, мерката нема да се однесува само на децата, туку и на возрасните, поради растечката загриженост за физичкиот и психолошкиот ефект што прекумерното користење на паметните телефони го има врз луѓето од сите возрасти.
- Целта на овој потег е да се спречи прекумерното користење уреди кои предизвикуваат проблеми со физичкото и менталното здравје, вклучувајќи проблеми со спиењето - изјави градоначалникот Масафуми Коки.
Градското собрание на Тојоаке оваа недела започна дискусија за необврзувачката уредба пред гласањето кое е закажано за крајот на следниот месец. Ако нацрт-уредбата биде усвоена, ќе стапи во сила во октомври. Меѓутоа, мерката нема да предвидува казни за оние што ќе го надминат двочасовното дневно ограничување.
Според нацрт-уредбата, за учениците од основните училишта на возраст од 6 до 12 години и помалите деца се советува да избегнуваат користење на паметните телефони или таблети по 21 час, додека тинејџерите и возрасните да ги остават своите уреди по 22 часот.
Овој предлог, прв од ваков вид кој се применува за сите жители, предизвика негативни реакции на социјалните мрежи.
Некои корисници го осудија како напад на индивидуалната слобода, додека други сметаат дека времетраењето е едноставно непрактично.
Во одговор, градоначалникот Коки изјави дека времетраењето не е обврзувачко и оцени дека паметните телефони се корисни и неопходни во секојдневниот живот.
- Се надевам дека ова ќе биде можност за семејствата да размислат и да разговараат за времето што го поминуваат на паметните телефони, како и за времето од денот кога се користат уредите - изјави градоначалникот на Тојоаке, град со речиси 70.000 жители.
Според јапонските медиуми, предлогот не е добро прифатен од населението.
Градските власти примиле 83 телефонски повици и 44 е-пораки во период од четири дена по објавувањето, од кои 80 отсто ја критикувале мерката.
Градските власти велат дека предлогот е дизајниран да го реши проблемот со однесување поврзан со прекумерното користење паметни телефони, вклучувајќи отсуство од настава кај децата кои не можат да издржат да ги остават телефоните дома кога одат на училиште.
Градоначалникот истакна дека возрасните биле „залепени“ за своите телефони кога требало да спијат или да поминуваат време со семејството.
Извор:
Nezavisne.com
Фото: Freepik