Во констелацијата на светската современа уметност евидентна е прогресивна творечка етапа во ликовниот третман на појави и правци кои излегуваат од рамките на она што се нарекува класично сликарство и скулптура. Во просторот на уметничката галерија „Тејт модерн“ во Лондон во тек е изложбата на авангардна уметница, издвојувајќи ја како уметница со автономен уметнички јазик.
Станува збор за ретроспективната изложба под наслов
“A Second Life” на британската уметница
Трејси Емин (родена во Кројдон 1963), изложба која по содржина и визуелна перцепција е премногу лична, интимна и сурова. При набљудувањето на овие дела се добива впечаток како да се влегува во нечиј приватен живот. Широкиот стилски распон се појавува како резултат на долгата посветена творечка дејност, оставајќи мошне интензивен личен печат, емоција и визуелна исповед. Како најкомуникативна и најдостапна за публиката, оваа изложба е репрезент на еден мултимедијален проект каде што храбро користи различни медиуми: сликарство, неонски текстови, текстил и вез, скулптура, инсталација, видео, филм, цртежи и фотографии. Во уметничките творби на Трејси Емин границата меѓу уметноста и животот е намерно избришана, нејзината медиумска и јазична хетерогена акција, структура и амбиент се изведени на начин да ја вовлече публиката непосредно во нејзината животна ситуација. Како своевидна реалност на замисла и телесна акција, оваа изложба излегува од рамките на конвенционалното категоризирање на уметноста, односно ликовно-теоретски е поблиска до концептуалната уметност, каде што идејата е поважна од формалната изведба.
Корелацијата субјект и уметнички објект е јасно видлива во неонските текстови, каде што ја иницира својата спиритуална и поетска страна во кратките реченици со емотивен набој (
“I want my time with you”, “You forgot to kiss my soul”, “Love is what you want”, “I never stopped loving you”, “More passion” и др.). Исто така, во една од најпознатите инсталации под наслов
“My bed” авторката прави радикален исчекор и направи провокација да се постави прашањето што претставува или што може да биде уметност, трансформирајќи еден интимен, дури и банален простор во галериски експонат. Во овој контекст, објектите не се вреднуваат според материјалната или естетската вредност, туку според нивната способност да сведочат одредена психолошка состојба. Имено, инсталациите на Емин се сведоштво од реални настани, таа нуди директно присуство, односно гледачот не гледа слика на емоција, туку нејзин материјален остаток, така што го става гледачот во непријатна позиција на сведок на нешто длабоко лично. Оваа т.н. отвореност е одлика на современата уметност, каде што значењето не е фиксирано, туку се создава во интеракција со публиката.
Во сликарството преовладува ликовна естетика која се темели на емоција, субјективно искуство и психолошка експресија. За разлика од традиционалните пристапи кои имаат тенденција кон техничка прецизност и естетска хармонија, цртежите на Емин имаат една слободна мрежа со широки линии и неправилни линии кои со својата неправилност значат и се резултат на потсвеста. Линијата е брза, неретко фрагментирана и несовршено експресионистичка, што создава впечаток на спонтаност и искреност. Всушност, таа ја користи линијата како гест и кулминација од телесно движење и психичка тензија, додека фигурата е речиси редуцирана на неколку линии, но токму во таа стилизираност се содржи нејзината сила: телото станува знак, симбол и носител на искуство. Интензивната црвена хроматска линија не ја иницира реалноста, туку сензационалноста на емоцијата. Доминираат апстрактно-експресионистички моменти со употреба на силни тонови на црвена, сина и розова боја, асоцирајќи на емоционални состојби како: болка, телесност, интимност, страст, тага, дистанца и ранливост. Потаму, женското тело не е идеализирано, напротив, тоа е прикажано како медиум, како ранливо, фрагментирано и изложено надоврзувајќи се на феминистичката уметност каде што телото станува простор за артикулација на идентитет, траума и лична историја. Впрочем, тоа станува субјект кој зборува, пренесувајќи искуства на љубов, загуба, болка и преживување (“I never stopped loving you”, “There was blood”, “Because you left”, I”t was all too much”, “I think of you all the time” и др.).
Текстилните и везените дела на Трејси Емин се своевиден пренос на емоции, мисли и сеќавања. Изведени во техника апликација на комбинирање на различни парчиња ткаенина и колаж сошиени во една целина, овие дела имаа симболично значење и преку уметничкиот чин се трансформираат во личен наратив. Концептуално, овие дела се толкуваат како визуелни исповеди, каде што текстилот станува медиум преку кој се артикулираат комплексни прашања за идентитетот, телото и меморијата Исто така, на пример, со внесувањето на везот – техника која е често поврзана со занает или домашно хоби – во галериски контекст, Емин ја редефинира вредноста на оваа практика и го проширува поимот за уметност (
“Everyone I have slept with 1963-1995”, “Hotel International”, “No chance”, “Helter fucking skelter”, I” do not expect to be a mother”, “You forgot to kiss my soul”, “I need you”, “I want my time with you” и др.).
Клучниот елемент во богатото творештво на Трејси Емин е исповедната природа на делата. Нејзиниот уметнички дискурс лежи во експресионистичкиот гест, концептуален пристап и интермедијалност. Сите горенаведени медиуми имаа цел да пренесат чувство, искуство и психолошка состојба. Истовремено, таа ја реафирмира важноста на субјективното искуство, женскиот наратив и телото како носител на значење во современата уметност, т.е. нејзините дела инспирираат, болат, доживуваат, создаваат емпатија. Нејзиниот силен печат се темели на способноста да ги трансформира најличните искуства во универзална уметничка вистина, правејќи го нејзиното творештво исклучително автентично и важно за современата ликовна сцена.
Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност