Германскиот град Цитау воведе драстична мерка за наплата на долгови - наместо опомена, на автомобилите на лицата со долгови поставуваат уреди кои го испуштаат воздухот од гумите.
Од март оваа година општината користи таканаречени „чувари на вентил“, мали уреди кои почнуваат да го испуштаат воздухот веднаш штом возилото ќе почне да се движи.
Оваа контроверзна метода покажа висока ефикасност бидејќи лицата со долгови речиси веднаш се јавуваат за да ги намирaт. Иако Цитау не објавува конкретни бројки, официјалните лица велат дека билансот е многу успешен. Градот со околу 25.000 жители има повеќе од 16.800 отворени побарувања во вкупен износ од околу 2 милиони евра.
Како функционираат „чуварите на вентил“?
Уредите се поставуваат на вентилот на гумата од автомобилот, а возачите се предупредени со јасно видливи налепници. Доколку, и покрај предупредувањето, одлучат да возат, гумата ќе им се испразни по неколку стотини метри.
„Чуварите на вентил“ можат да ги отстранат само општинските службеници со посебен клуч, и тоа откако лицето ќе го намири долгот.
Оваа практика предизвика многубројни дискусии и критики на социјалните мрежи. Германскиот автоклуб АДАЦ истакнува дека гумата што губи воздух при возење претставува сериозна опасност од сообраќајна несреќа и препорачува да се користат блокади на тркалата како побезбедна алтернатива.
Од друга страна, градските власти ја бранат својата метода повикувајќи се на јасни предупредувања и законската обврска на возачите да ја проверат исправноста на возилото пред негово возење.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik