X
 31.12.2018 Живот

Прилеп има наставник херој, Тамара Митева ни објасни како се учи во Швајцарија! Ова се најчитаните текстови на Факултети.мк во 2018 година

Поради наставникот Гоце Бумбароски, учениците не сакаат да си одат дома, се враќаат во клупите дури и кога им дал слободен ден. Кога ќе забележи дека часот им станува здодевен и ги фаќа дремка, ги станува од клупите, па прават вежби. Со него јадат пица во училница, му носат торта за роденден, а понекогаш и им ја препушта катедрата, па тие се наставници


Нашите читатели сакаат да читаат позитивни приказни, стории кои инспирираат, будат надеж, кои покажуваат дека Македонија има со што да се гордее... Ова може да се заклучи од листата со најчитани текстови на Факултети.мк за 2018 година.

1. Прилеп има наставник херој. Оваа инспиративна приказна за наставникот Гоце Бумбароски е најчитаниот текст во 2018 година на Факултети.мк.
Поради него, учениците не сакаат да си одат дома, се враќаат во клупите дури и кога им дал слободен ден. Кога ќе забележи дека часот им станува здодевен и ги фаќа дремка, ги станува од клупите, па прават вежби. Со него јадат пица во училница, му носат торта за роденден, а понекогаш и им ја препушта катедрата, па тие се наставници. Ова не се случува во Финска или во Норвешка, земјите со речиси совршено образование, туку во Прилеп, во едно од најстарите основни училишта - „Кочо Рацин“. Бумбароски на своите ученици не им дава ниту домашни задачи, туку домашни активности.

- Многу е лесно да се работи со ученици како што се моите. Само треба да се најде метод што ќе ги поттикне да успеат. Сè додека работата, ангажирањето и учењето им ги презентираме како награда (а не казна), ќе имаме успех. Оној момент кога тие ќе помислат дека учењето е „по казна“, настапува неуспехот. Јас по нив со тестови, тие по мене со изненадувања - ни откри Бумбароски.


Бумбароски со учениците

2. Тамара Митева ни објасни како се учи во Швајцарија. Ова е исто така приказна која предизвика големо внимание кај нашите читатели. Митева, која на Машинскиот факултет во Скопје дипломира со просек 10, сега е на последипломски студии на еден од најдобрите факултети за роботика во светот - Ecole polytechnique fédérale de Lausanne (EPFL) во Лозана, Швајцарија. Таа вели дека добрата репутација на Машинскиот факултет и просекот ѝ овозможиле многу лесно да биде примена, без дополнителни испити за јазик.

- Во Швајцарија постојат многу повеќе опции/нивоа за разлика од кај нас. На пример, на 14-годишна возраст учениците имаат државен испит. Доколку го положат, имаат право да одат погоре во образовниот систем (повисоко ниво), а доколку не го положат, немаат право и специјализираат во одредена струка како, на пример, шнајдер, изработувач на часовници, специјалист за мебел итн. Но, за разлика од кај нас, сосема е во ред да се падне испитот бидејќи државата ги прави овие работни позиции достојни. Под достојни мислам со високи плати и извонредни услови за работа - ни изјави Митева.


Тамара Митева

3. Третиот најчитан текст е исто така позитивна приказна за наш студент. На Билјана Митреска просекот од чиста десетка ѝ избегал за само една оценка, по предметот Компјутерска физика, бидејќи немала време да доврши семинарска задача поради ангажман на друг поголем проект. Но, ова во никој случај не го смета за неуспех. Да се дипломира на теориска физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје со просек 9,93 е успех за славење. Митреска ни откри дека овој успех е резултат на лична ангажираност и посветеност кон предметите и другите обврски кон факултетот. Вели дека мотивацијата секогаш ја бара и ја наоѓа во желбата да научи нешто ново во физиката, што за неа е најголем предизвик.


Билјана Митреска

4. Една од најчитаните рубрики на нашиот медиум е „Кога бев студент“. Приказната за студентските денови на еден од нашите најпознати кардиохирурзи - д-р Жан Митрев е четвртата најчитана сторија. Тој ни откри дека најдобар бил во најтешките предмети - патофизиологија, анатомија, хирургија. Имал просек околу 9 и тоа без да фаќа врски.
Забавата и дружењето не недостигале во неговиот студентски живот.

- Бевме вистинска тајфа. За викенди си одевме во Штип. Бев дисциплиниран како студент. Учев многу навечер. Во тоа време во Штип имаше парада, од 12 до 13:30 часот, сред бел ден парада пред гимназијата, а навечер одевме на корзо, излегувавме кога ќе почнеше да се стемнува, па одевме во двете кафулиња што постоеја во тоа време во градот. Во 23 часот веќе сѐ беше затворено. Кога ќе завршеа сите „фестивали“, на полноќ, пиев кафе, учев од полноќ до 5 сабајле, интензивно и многу ефективно. Спиев до кај 11 часот, и доаѓа наредниот ден, подготвен за нова парада со другарите - се потсети Митрев.


Д-р Жан Митрев во студентските денови

5. Трогателната приказна на познатиот македонски пејач Ѓоко Танески за потрагата по неговата сестра не остави никого рамнодушен.
По децениска потрага, Танески пред седум години ја пронајде својата сестра Елена Соколова. Со двајцата браќа ја барал од моментот кога дознале дека имаат сестра. Сега се поголемо и побогато семејство. Среќни се. Редовно се дружат, блиски се. И Ѓоко и Елена велат дека може да ги разберат многутемина што преку социјалните мрежи си ги бараат биолошките родители, роднини, оставените деца... Тоа е потреба, порив, велат.

- Елена ни е сестра и по татко и по мајка, а се родила додека не биле во брак. Поради низа околности, не можеле да го чуваат девојчето и го дале во Домот за доенчиња и мали деца во Битола. По една година отишле да си го земат, но тоа веќе било посвоено. Не им давале никаква информација за него, иако упорно барале - ни раскажа Ѓоко.


Елена и Ѓоко

6. Биофидбек методата, која посебен подем има во последната деценија, а помага при разни нарушувања кај деца и возрасни, како контрола на одговорот на стрес, зголемување на внимание, хиперактивност, аутизам, анксиозност, депресија, епилепсија, дислексија, е достапна и во Македонија. Ова ни го откри дефектологот Драган Костовски, кој повеќе години трагал по успешни методи како да им помогне пред сѐ на децата, па го открил биофидбекот. Особено е успешна метода кај деца со АДХД.

- Само по неколку тренинзи се гледаат резултатите, како преку намалување на бавните мозочни бранови, но и реално преку искази на родителите дека започнува нешто да се случува кај нивните деца - ни рече Костовски.


Драган Костовски

7. Покрај многуте млади Македонци што секојдневно се иселуваат од земјава, има и такви што искусуваат живот надвор, но се враќаат дома. Токму ваква е сторијата за беровката Павлина Поповска.
По неколку години поминати во Лос Анџелес на студии, но и работејќи како фотограф, таа се вратила во родното Владимирово. Преку проектот „Мали места - големи соништа“ сака да го прикаже проблемот со миграцијата на младите од овој крај. Со нејзините фотографии ја доловува амбицијата на младите луѓе во контраст со околината во која се родени.

- Она што го затекнав тука е сѐ поголемата желба да се бара живот надвор од ова населено место. Берово полека умира. Берово има голем потенцијал со својата убавина да биде дом на многу уметности или на творење на уметниците - вели Поповска.


Павлина се вратила во родното Владимирово

8. Многу наставници и професори од основните и средните училишта во земјава се жалат дека не можат час да одржат поради мобилните телефони на учениците. Скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ на мошне практичен начин го реши овој проблем. Од оваа учебна година пред почетокот на часот учениците мора да ги остават мобилните на платно со џебови поставено во секоја училница. Идејата е одлично прифатена и од наставниците и од учениците.

- Колку и да се трудиш и ветуваш дека нема да го користиш за време на час, нешто те тера да ѕирнеш што се случува. Вака сме ослободени од тоа искушение - ни одговори ученик од втора година.
Овој наш текст го пренесоа многу медиуми, а беше објавен и во Србија.


Пред секој час учениците ги оставаат мобилните телефони во џебовите на платното

9. Мартин Поповски е нетипичен, барем за македонски услови, одделенски наставник во ОУ „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел. Тој се труди да ја избегне класичната здодевна форма на предавање и слушање и сака да ги анимира децата и на други начини. Музика на часовите, ликовно во природа, хуманитарни трки... Приказната за методите на овој скопски наставник кој ѝ пркоси на класичната настава ги одушеви нашите читатели.

- Моите ученици најмногу ги сакаат часовите што ги одржуваме надвор од училиштето, во природа, се разбира, кога за тоа има услови. Многу често наставните часови, конкретно по природни науки, физичко, ликовно ги одржуваме во блиската парк-шума Гази Баба, каде што има одлични услови за тоа. За време на часовите постојано слушаме музика. Таа е неразделив дел од наставата, особено по предметите ликовно и математика. Слушаме џез, класика и музика за медитација. На часовите, особено во зима, им правам чај на децата. Правам сѐ што сметам дека е полезно за нив, а целта ми е да направам да одат на училиште со задоволство, а не да го чувствуваат тоа како некаков притисок или обврска - ни раскажа Поповски.


Поповски со своите ученици

10. Уште една инспиративна приказна за просветен наставник кој со методите на работа ги инспирира своите ученици се најде на листата со најчитани 10 во 2018 година. Атанас Сопотски, професор по историја во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, е голема инспирација за своите ученици. Но, само поради тоа што работата ја работи од срце. Ги почитува како личности, не им покажува гордост и суета, а честопати знае и да им се извини кога ќе згреши. Тој ни откри дека кај денешните ученици авторитет воопшто не функционира, напротив, дава спротивен ефект. Вели дека со овие ученици треба да се балансира, „топло - ладно“ за да ги придобиете на своја страна.


Атанас Сопотски

- Јас конкретно тоа го правам многу искрено и чисто, јавно и транспарентно, па без разлика дали тоа ќе биде околу известувањето за оценките или околу дисциплината. Учениците сакаат искреност, фер игра, а досега сум ја давал и повратно сум ја добивал. Тие се толку паметни и остроумни да проценат дали ние, возрасните, манипулираме со нив, покажуваме лицемерие само за да дознаеме некои информации за нешто или некого или сме чесни, отворени за соработка. Јас постојано велам дека децата се во ред, туку дека ние, возрасните, треба да се запрашаме што правиме со нив. Меѓутоа, секогаш со моите ученици практикувам да се задржи таа граница професор - ученик затоа што и сѐ што е премногу „демократско“ не е во ред, се злоупотребува од нивна страна во поинаков, негативен контекст - изјави Сопотски во интервјуто за Факултети.мк.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот