Комуникации

ПОСТДИПЛОМСКИ СТУДИИ ПО КОМУНИКАЦИИ

 

Постдипломските студии по комуникации се дизајнирани како студии кои опфаќаат анализа и теорија на динамиката на целосниот комуникациски процес во модерното општество. Методолошкиот пристап во студирањето е насочен кон примена на интегриран и интердисциплинарен пристап кој првенствено се темели на класичните и модерни методи на општествените науки. Заедно со изучувањето и примената од пошироките области на комуникациската и социо-политичката теорија, студиите овозможуваат развивање на палета различни пристапи за примена на моќни облици за анализа на медиумските системи и медиумските пораки.


Студиите се занимаваат со  општествено-социјалниот контекст во кој се одвива комуникацијата, и со културните и идеолошки импликации кои се резултат на тие комуникациски процеси, како и со влијанието на нивите комуникациски и медиски технологии во мултимедијалното опкружување. Во студиите, со помал обем, е вклучено и изучувањето на интерперсоналната комуникација.


Сите наведени аспекти на студиите, особено примерите за анализа и примена на теоретските принципи, кога тоа е можно, се применуваат во контекстот на современата реалност на македонското општество, но сепак сместени во пошироки европски и светски рамки.


Магистрантите, по успешното завршување на програмата, се стекнуваат со звање магистер по комуникации, со можност за вработување во различни области, како на пример: односи со јавноста, менаџмент и други административни дејности. Меѓутоа, овие студии се наменети, пред се, за кандидати кои претендираат на вработување (или се веќе вработени) во медиумската и културна индустрија, особено во телевизијата, радиото, печатот и издавачката дејност.

 

 

ПРОФИЛ

 

Постдипломските студии по комуникации ги задоволуваат образовните потреби во следниве области:

а)       Професионалец во областа на комуникациите во медиумската индустрија;

б)       Професионалец во областа на комуникациите во културната  индустрија;

в)       Аналитичар на современите комуникациски теории.

 

 

ГЕНЕРИЧКИ И СПЕЦИФИЧНИ КОМПЕТЕНЦИИ

 

Очекувани придобивки од учењето (learning outcomes) на ниво на втор циклус на универзитетски студии - магистерски студии, според европската квалификациска рамка за доживотно учење:

а)  На ниво на знаење:

  • Високо специјализирано знаење  во областа на комуниколошките науки со посебен осврт на медиумската и културната индустрија;
  • Способност за  оригинална и самостојна анализа и истражување:
  • Способност за критичко мислење.

б) На ниво на вештини:

  • Вештини специјализирани за разрешување на проблеми во медиумската и културната индустрија, како и во областа на односите со јавноста.

в)  На ниво на компетенции:

  • Способност за конципирање и менаџирање на комуникациски стратегии      

 

Студентите кои ќе ги комплетираат магистерските студии ќе бидат во состојба да:

1.  придонесат во конципирањето и имплементацијата на комуникациските стратегии во областа на медиумските и културните институции;

2.  придонесат во конципирањето и имплементацијата на комуникациските стратегии во областа на односите со јавноста;

3.  имплементираат политики од соодветната област;

4.  да дизајнираат и спроведуваат истражувачки проекти со употреба на соодветни истражувачки техники, особено во областа на истражувањата на медиумите и културата;

5.  да придонесат за развојот на теоретската мисла и збогатувањето на современите комуникациски теории.