Нови медиуми и социјални мрежи

ПОСТДИПЛОМСКИ СТУДИИ ПО КОМУНИКАЦИИ - „НОВИ МЕДИУМИ И СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ“

 

Целта на постдипломските студии по комуникации за „Нови медиуми и социјални мрежи” е да понуди специјализирано знаење и анализа во областа на комуникациите. Областа на новите медиуми е една од најбрзо растечките подрачја на полето на комуникациите, социјалните мрежи и граѓанското новинарство. Светот стана „дигитален” и со тоа сé што не опкружува се дигитализира и поврзува. Мора да се прилагодуваме на она што живее во јавната сфера и меѓу луѓето. Во светот се случува „комуникациска револуција“ и ние сите мора да се вклучиме, да учиме и да работиме во дигиталниот свет.

 

Новите медиуми се убедливо еден од најатрактивните делови на дигиталната комуникација и со нивното појавување започна да се преиспитуваат многу „стари“ работи и технологии. Најпрвин очигледно е дека се променија брзината и начинот на комуникација меѓу луѓето. Луѓето веќе живеат он-лајн, поточно комуникацијата е непрекината. Потоа, комуницираат сè повеќе луѓе на сè поголем простор. Следно, се комуницира од најразлични причини и на различни теми. Но, што е најважно, комуникацијата во квантитет веќе почнува да дава нов квалитет. Се менуваат животните навики и филозофии, но и начинот на комуникација и протокот на информации квалитативно го менуваат нашиот однос кон животот. Ова е област која допрва ќе се развива како во интерперсоналното комуницирање, така и во граѓанското новинарство, глобализацијата, политичката комуникација, културата и многу други области, сите достапни за обичниот човек. 

 

Програмата е наменета за кандидати кои имаат завршено додипломски студии пред сé по комуникации, новинарство, односи со јавност, компјутерски програмери, програмери на софтвери, социологија, политички и други општествени науки и веќе имаат определено ниво на познавања од областа на комуникациите и кои покажуваат желба и способност за напредување во областа. Но, и за студенти кои љубовта кон комуниколошките науки ја откриле во подоцнежниот развој на своите кариери. Овој курс е со изразена комуниколошка и истражувачка ориентација.

 

ПРОФИЛ 

 

Предложената програма има за цел да произведе следен профил на комуниколози:

 

a)    Магистер по комуникации - нови медиуми и социјални мрежи кој со завршените постдипломски студии може својата кариера да ја продолжи на некој од државните или приватни универзитети како професор од областа на комуниколошките науки;

б) Специјализиран кадар од областа на новите медиуми, кој ќе може да конкурира на пазарот на трудот во области како што се комуникациите, односи со јавност, маркетинг, организација на настани, новинарство, креатор на социјални медиуми, општествени комуникации и други области во ИТ секторот.

в) Истражувач на новите медиуми и социјални мрежи кој ќе биде обучен да ги истражува комуниколошките  феномени и да изработува студии кои може да бидат користени од институции од различен тип: државни, приватни, економски, културни, образовни, невладини, меѓународни и други;

г)     Специјалист по граѓанско новинарство и нови медиуми, кој ќе може да работи и создава на полето на новите медиуми и социјални мрежи.

д)  Оспособен за учество во меѓународни проекти кои се бават со оваа гранка на комуникациите и кој ќе може да работи на проекти во невладиниот сектор како дел од граѓанското општество и да биде дел од меѓународни организации и фондации. 

 

Генерички и специфични компетенции:

Очекувани придобивки од учењето (learning outcomes) на ниво 7 (втор циклус на студии) според европската квалификациска рамка за доживотно учење:

a)    На ниво на знаење:

  • Знаење, специјализирано знаење, знаење кое е употребливо и може да се користи во областа на комуникологијата како основа за оригинални истражувања;
    • Знаење за главните и современи комуникациски концепти и за нивна ситуираност во областа на новите медиуми и социјални мрежи;
    • Знаење за теоретските и практичните импликации на промените во комуникациските односи и нивна примена во апликативните истражувања;
  • Знаење за глобализацијата, глобалните промени и промените во комуниколошката и кулутролошката сфера во однос на новите медиуми.  

 

b)    На ниво на вештини:

  • Вештини специјализирани за анализирање на проблеми, вештини кои се потребни при истражување и за произведување на нови сознанија и нивно интегрирање во различни научни области;
  • Вештини за истражување и анализа на конкретни комуниколошки појави и процеси како и вештини за презентации и академско пишување во научни публикации;
  • Вештини за критичко размислување и анализа на литература од областа на новите медиуми и социјални мрежи;
  • Вештини за проектно менаџирање на научно-истражувачка работа и академска комуникација на меѓународен план.

 

в) На ниво на компетенции:

  • Способност за ситуирање на човекот во неговиот личен, социјален и културен контекст (семејство, работа, општествени рамки) и способност за анализа на информациите и основните елементи на комуниколошкиот пристап;
  • Способност за анализа на главниот комуникациски проблем: кој ги менува комуникациите - структурите или луѓето; Кои се примарните агенси на промените во комуникациите; 
  • Способност за анализа на индивидуи, групи и институции во однос на проблемите во македонското општество како што се комуникациите, новите медиуми, социјалните мрежи;

 

Способност за комуниколошка анализа на социјалните промени, општествените концепти, глобални процеси и политичката култура и комуникациите и граѓанското новинарство.