Културата во ерата на кибернетиката

ПОСТДИПЛОМСКИ СТУДИИ  ОД ОБЛАСТА НА „КУЛТУРАТА ВО ЕРАТА НА КИБЕРНЕТИКАТА 

 

Културата, како една од фундаменталните области на општественото живеење и иманентен фактор на идентитетот и развојот на поединецот и заедницата, претставува специфична и хетерогена сфера во која се содржани сите материјални и духовни вредности настанати како резултат на мисловниот процес и човековата интервеција во природата и општеството.

 

За културата велиме дека настанува спонтано, односно како резултат на психобиолошките и социјалните потреби на човекот. Таа  би можела да се сфати како неминовен и природен процес. Оттука, во рамките на еден историски контекст, за културата може да се каже дека претставува континуиран и динамички процес, но, истовремено и производ на самокултивирањето на човечката природа и неговата природна средина.  Во таа смисла – а, при тоа имајќи ги предвид информатичко-комуникациските технологии, како и нивната застапеност и улога во нашето секојдневие и средината во која живееме – неизбежно следи констатацијата дека современото културно милје доживеа драстична трансформација и истото е во голема, речиси непрепознатлива мера, редизајнирано.

 

Постдипломските студии од областа на културата во ерата на кибернетиката имаат за цел да го проучат присуството, значењето и манифестацијата на културата во нејзините најразлични комплексни форми, односите на моќ, како и процесот на глобализацијата и социокултурните промени во рамките на современото општество, но и во еден поширок историски контекст. Овој студиум го темели изучувањето на прашањата од областа културата во ерата на кибернетиката во согласност со толкувањето на концептот на културата сфатена како изразувачки дух на целокупниот начин на живеење којшто се манифестира преку севкупниот домен од општествени и културни активности, како: јазикот, уметничките стилови и различните видови на интелектуална дејност, но истовремено и како целовит општествен поредок конструиран како резултат на постоечката култура и останатите општествени чинители. Во таа смисла, посебен акцент ќе биде ставен на присуството и влијанието на информатичко-комуникациските технологии - со сите нивни префикси како е-, и-, инфо-, техно-, блого-, вики-, P2P- итн., и термини, односно придавки како кибернетички, виртуелни, мрежни, онлајн, чет итн. - во редефинирањето и редизајнирањето на современиот концепт на културата, односно културата во 21-от век.

 

Основната цел на така поставената студиска програма е збогатување на студентите со теориски сознанија од областа на културата, но и оспособување во смисла на тоа како истите тие сознанија да ги искористат за анализа на современите општествени појави и новите културни феномени во кибернетичката ера, како и пронаоѓање на соодветни решенија за актуелните проблеми поврзани со општествената стварност и глобализациските процеси.

 

 

ПРОФИЛ

 

Студиската програма – „Постдипломски студии од областа на културата во ерата на кибернетиката“ ги задоволува образовните потреби во следниве области:

 

а) Магистер по културологија кој со завршените постдипломски студии може својата кариера да ја продолжи на некој од државните или приватните универзитети како професор на повеќе предмети од областа на културата и информатичко-комуникациските технологии.

б) Аналитичар на современите теории од областа на културата и информатичко-комуникациските технологии;

в) Експерт во областа на културата во ерата на кибернетиката кој ќе биде оспособен и компетентен да ги толкува и објаснува актуелните социокултурни промени и да предлага насоки за креирање и имплементирање на соодветни културни и образовни политики;

г) Истражувач кој ќе биде обучен да ги истражува и толкува современите теории и актуелните трендови во областа на културата и информатичко-комуникациските технологии, како и нивното значење во еден поширок општествен контекст;

д) Проектен менаџер кој ќе биде оспособен да учествува во креирањето и раководењето на проекти во рамките на културните институции, како и проекти од областа на културните и креативните индустрии.

 

 

ГЕНЕРИЧКИ И СПЕЦИФИЧНИ КОМПЕТЕНЦИИ

 

Очекувани продобивки од учењето (learning outcomes) на ниво 7 (втор циклус на студии) според европската квалификациска рамка за доживотно учење:

а) На ниво на знаење:

  • Знаење кое е употребливо и може да се користи во рамките на студиите од областа на културата во ерата на кибернетиката како основа за оригинални истражувања;
  • Знаење за современите теории од областа на културата во ерата на кибернетиката;
  • Знаење за теориските и практичните импликации на информатичко-комуникациските технологии, новите културни феномени и современиот општествен контекст; 
  • Знаење од областа на процесот на глобализацијата и промените во социокултурната сфера.

 

б) На ниво на вештини:

  • Вештини за критичко размислување и анализа на литература од областа на теоријата на културата и информатичко-комуникациските технологии;
  • Вештини за истражување и анализа на современите социокултурни појави и процеси, како и вештини за презентација и академско пишување на научни публикации;
  • Вештини за  проектно менаџирање на научно-истражувачка работа;
  • Вештини за менaџирање на проекти од областа на културните и креативните индустрии;

 

в) На ниво на компетенции:

  • Способност за анализа на современите социокултурни појави и процеси, настанати како резултат на појавата на информатичко-комуникациските технологии;
  • Способност за креирање и евалуација на културни и образовни политики;
  • Способност за дизајнирање и спроведување на научно-истражувачки проекти;

 

Способност за дизајнирање и раководење со проекти во областа на културата во кибернeтичката ера, и културните и креативните индустрии.