Социологија - менаџмент на општествени промени

ПОСТДИПЛОМСКИ СТУДИИ ПО СОЦИОЛОГИЈА - МЕНАЏМЕНТ НА ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ

 

Целта на постдипломските студии по Социологијаменаџмент на општествени промени е да понуди специјализирано знаење во областа на социологијата на промените, но и во одделни социолошки дисциплини. Курсот е наменет за кандидати кои имаат завршено додипломски студии по општествени науки и веќе имаат определено ниво на познавања од областа на социологијата и кои покажуваат желба и способност за насочување во определени области. Во наредните неколку години ќе се профилираат кадри од социо-политиката и социо-културата. Овој курс е со изразена истражувачка ориентација.

Постдипломски студии по социологија во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања се организираат веќе неколку децении. Како универзитетска институција во која практично започна научноистражувачката дејност во областа на социологијата, ИСППИ негуваше еден приод во студиите кој значеше примена и на класичните, но и на современите методи во наставата. Фактот што како предавачи се јавуваат искусни и докажани истражувачи и научни работници, придонесе, покрај теоретскиот, да се негува и научноистражувачкиот пристап во совладувањето на предвидените наставни програми и содржини. Основна цел на така поставените студии  е, да се оспособат студентите теоретските сознанија од областа на политичките науки да ги користат  за анализа на општествената стварност и да нудат (социолошки) решенија  за проблемите.

Магистрантите, по успешното завршување на програмата, се стекнуваат со звање магистер по социолошки науки – менаџмент на општествени промени, со можност за вработување во различни области, како на пример: државна администрација, министерства, универзитет, образование, истражувачки институции, невладини организации, меѓународни организации и фондации итн.

 

ПРОФИЛ

 

a)    Магистер по социолошки науки кој со завршените постдипломски студии може својата кариера да ја продолжи на некој од постојните државни или приватни универзитети како професор на повеќе предмети од областа на социолошките и општествените науки;

b)    Експерт во областа на социологија на општествените промени, кој ќе биде оспособен да ги објаснува комплексниТЕ општествени проблеми и да предлага политики за нивно решавање; 

в) Проектен менаџер – кој ќе може да учествува во креирање и менаџирање на истражување, преку изработка на истражувачки проект, дефинирање на проблемот на истражување, па се до изработка на истражувачки извештај за потребите на нарачател: државни институции, министерства, меѓународни организации, приватни друштва, итн;

г)  Истражувач  кој ќе биде обучен да ги истражува општествените промени и да изработува студии кои може да бидат користени од институции од различен тип: државни, приватни, економски, културни, образовни, невладини и други;

д) Аналитичар кој ќе биде оспособен да коментира различни општествени процеси и промени, пред се во областите на специјализација – социо-политика и социо-култура.