Политички науки и човекови права

Студиска програма од втор циклус студии
по Политички науки и човекови права
на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања



Мисија и цели на студиската програма од втор циклус студии по Политички науки и човекови права

Студиската програма “Политички науки и човекови права“  има за цел да им обезбеди  на студентите продлабочено и сеопфатно разбирање на политичките прашања со фокусирање на темата на човековите права. Цел на студиската програма е подигање на капацитетите на идниот академски и политички кадар да ги анализира современите политички процеси во контекстот и низ призмата на глобалната институционализација на човековите права. Државата, нацијата, владеењето, политичките субјекти и политичките процеси, политичките системи и политичкото однесување,  ќе бидат поставени во контекстот на современото разбирање на човековите права и основни слободи.

Во дизајнирањето на студиската програма се тргнува од претпоставката дека современата политичка наука не само што не може да ги заобиколи човековите права, туку напротив, во голема мера е ориентирана кон нив и на различни начини поврзана со нивното обезбедување, практикување и заштита.

Во рамките на основниот комплекс на изучување насочен кон моќта, демократијата, државата, политичките системи, политичките идеи, институции и политичките учесници, се вметнува посебниот аспект на човековите права и основни слободи како цел, граничник и контролор. Ова им дава на студиите интердисциплинарен пристап кој покрива аспекти од антропологијата, психологијата, правото, социологијата и историјата.

Потребата од воведување на ваква студиска програма лежи во современиот развој на државата и политичките системи кои се структуираат околу  човековите права и основни слободи, се вреднуваат во зависност од нивото на практикување и заштита на истите и се модификуваат со цел што подобро остварување на оваа функција.

Политичките науки по природа се вкрстуваат со други полиња како: економија, право, социологија, антропологија, психологија, историја, комуникации, меѓународни односи. Политичките науки кои тргнуваат од концептот за човекови права во уште поголема мера претставуваат своевиден интердисциплинарен комплекс кој опфаќа широк простор на општетсвени интеракции. Од тука, студиската програма се карактеризира со широк пристап кон политичките процеси, а се посветува внимание и на процесите на донесување одлуки како и на релевантните општествени процеси на локално, национално и глобално ниво.

Студентите ќе научат да ги истражуваат глобалните политички процеси низ една сосема различна перспектива и да ги анализираат клучните учесници во изработката на глобалната политика во нивниот сооднос со вредносниот систем кој го нуди концептот за човековите права и основни слободи. Централното прашање кое се поставува е легитимитетот на политичките институции и практики во светот кој ги прифаќа човековите права и основни слободи како мерило на демократизацијата.
Потребата од вметнувањето на човековите права како нова димензија на политичката наука произлегува од новите политички предизвици со кои се соочуваат демократските држави во глобализираниот свет (како: специфични нееднаквости, нови барања од репрезентативните институции, новите извори на конфликти и можностите за нивно менаџирање).

Студиската програма ќе се ориентира кон анализа на развојот на политичката научна мисла која го адресира прашањето на човековите права и основни слободи како незаобиколлив елемент на современата демократија.  Во таа смисла ќе биде посветено внимание на алокацијата и трансферот на моќта во процесите на одлучување и улогата која што ја имаат одделните политички учесници. 

Во последните декади, човековите права се развија во главен критериум за евалуирање на политичкиот легитимитет и заеднички именител на глобалните општетсвени  барања. Веќе не станува збор за додаден или страничен концепт на политичките активности и случувања, туку за суштинска компонента на принципите на самата политика, па дури и прв принцип на политиката.

Од овде произлегува и потребата во рамките на студиите од втор циклус да бидат опфатени содржини кои до сега не биле дел од изучувањето на политичките процеси и политичката наука, а кои треба да ги подготват студентите за теориски/научни анализи и практично делување во едни вака изменети услови на развој во кои човековите права стануваат јадро на политичката научна мисла.

Специфичните прашања на кои ќе биде посветено посебно внимание се однесуваат на: разрешувањето на контрадикцијата меѓу теоријата за универзалните човекови права и  секојдневната пракса на повреда на човековите права; меѓусебното влијание на суверенитетот и универзалноста на човековите права; соодносот меѓу политичките институции, политичките активности и конфликтите; основните детерминанти на современите политички структуирања; алатките кои можат да бидат искористени со цел анализа на политичките активности низ призмата на човековите права; дали може различните култури да коегзистираат хармонично; како треба заедниците да реагираат на насилството од страна на држават и идеолошкиот екстремизам; што претставува безбедноста разбрана како човекова безбедност.

 Содржината и стилот на овие мастер студии ќе соодветствуваат и константно ќе се прилагодуваат со промените кои настануваат на глобално ниво и во Република Македонија, како и со релевантните  квалификации потребни за градење на кариера во оваа област.

Студентите кои успешно ќе ги завршат овие студии, имаат можност да ја градат својата кариера како политички аналитичари и да побараат вработување во истражувачки и аналитички центри, новинарство, или активно да се вклучат во политичките процеси. Оние кои се ориентирани кон академската кариера, своето образование можат да го продолжат на докторско студии по социологија, економија, организациски науки, политички науки,  право, меѓународно право, комуникации, демографија,  во Република Македонија и странство.

Квалификација која се стекнува:  Магистер по политички науки и човекови права