Смртта на едно куче може да влијае врз неговите другари, кои јадат и си играат помалку, но и бараат повеќе внимание по загуба на близок пријател, покажува голема научна студија.
Претходно знаци на жалење се забележани кај многу видови, меѓу кои и големите човеколики мајмуни, китовите, делфините, слоновите и птиците. Во фамилијата на кучињата имаше некои индикации. На пример, имаше известувања дека некои диви волци ги закопуваат труповите на волчињата стари две недели, а една мајка динго била забележана како носи пцовисано кученце на различни локации во деновите по неговата смрт.
Но, доказите беа генерално оскудни и кога стануваше збор за домашните кучиња, најмногу се базираа на сведочења на сопственици, што, пак, носи ризик од антропоморфизам и преувеличување на нештата.
Новата студија, објавена во списанието „Сајентифик рипортс“, вклучува истражување спроведено меѓу 426 возрасни Италијанци кои имале најмалку две кучиња, од кои едното умрело, а другото е живо.
Негативни промени биле забележани од страна на 86 отсто од сопствениците, а една четвртина истакнале дека тие негативни промени траеле повеќе од шест месеци.
Однесувањата вклучувале барање повеќе внимание (67%), помала игривост (57%) и генерално намалена активност (46%).
Кучињата што останале живи, исто така, спиеле повеќе, станале поплашливи, јаделе помалку и завивале и лаеле повеќе.
Истражувачите утврдиле дека времето што двете кучиња го поминале заедно не било важен фактор во одредувањето на жалењето, туку важен бил квалитетот на врската што ја имале кучињата. Исто така, голема улога играло и тоа колку жалел сопственикот, што сугерира дека кучето што останало живо исто така одговарало на емоциите на човекот.
Извор:
Phys
Насловна фотографија: Unsplash