X
 01.09.2025 Живот

Уметничко дело украдено од нацистите наводно е пронајдено во аргентински оглас за недвижнoсти

Аргентински огласник за недвижности откри како одамна украдена слика од Џузепе Гисланди наводно се наоѓа во дом на Аргентинци, наследници на нацистот кој ја украл сликата. Вредноста на другите слики на тој уметник на аукции достигнуваше и до половина милион долари.

Делото на италијанскиот барокен сликар, кое нацистите го украле пред повеќе од 80 години, наводно било пронајдено откако новинари од холандски медиуми го забележале на фотографија во оглас за аргентински недвижности.

Станува збор за сликата „Портрет на дама“, која нацистите наводно ја украле во 1940 година од еврејскиот трговец со уметнички дела Жак Гаудстикер. Иако другите слики украдени од истиот трговец подоцна се пронајдени и вратени на неговите наследници, на оваа ѝ се губи секаква трага.

Новинарите од холандскиот весник АД ги следеле трагите на сликата и тие ги довеле до покојниот припадник на СС (Шуцштафел - „Безбедносен одред“ — голема безбедносна и паравоена организација на Национал-социјалистичката германска работничка партија и на Нацистичка Германија), Фридрих Кадгин, кој во 1945 година избегал во Швајцарија, а подоцна се преселил во Аргентина, каде што основал фамилија.

Новинарите со години се обидувале да разговараат со неговите ќерки, кои ја поседувале неговата куќа во Аргентина, но неуспешно, сè додека еден новинар испратен да им тропне на врата не открил дека куќата е огласена за продажба. Тој го разгледал огласот на агенцијата за недвижности „Роблес Касас и Кампос“ и ја видел исчезнатата слика која била закачена над софата во дневната соба, каде што, според весникот, сè уште стои.

Една од ќерките на Кадгин наводно рекла: „Не знам каква информација сакате од мене и не знам за која слика зборувате“.

Марај фон Захер, 81-годишната снаа на Гаудстикер и негова единствена наследничка, која од 90-тите години трага по неговите слики, изјавила дека планира да ја врати.

- Целта на мојата фамилија е да го најде секое уметничко дело од збирката на Гаудстикер и да го обнови неговото наследство - рекла таа.

Другите дела на Гисланди на аукции достигаа вредност и до половина милион долари, а неговите слики се изложени во многу музеи.

Извор: Forbes
Фото: Robles Casas & Campos
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот