X
 01.11.2019 Економија

Оваа земја има највисоки даноци на богатство и приходи во Европа

Данска има највисоко учество во даноците поврзани со приходот и богатството со 28,9 отсто од БДП, се наведува во новиот извештај објавен од „Евростат“, канцеларија за статистика на Европската Унија.

Целокупната даночна стапка во Данска беше трета највисока во ЕУ, зад Франција и Белгија.

Соодносот данок : БДП, што значи збирот на даноци и социјалните нето-придонеси како процент од БДП, во ЕУ како целина во 2018 година изнесувал 40,3 отсто.

Најголем удел на даноци и социјални придонеси во проценти од БДП во 2018 година имале Франција (48,4 отсто), Белгија (47,2 отсто) и Данска (45,9 отсто), а веднаш потоа се Шведска (44,4 отсто) и Австрија (42,8 отсто).

На дното се Ирска (23,0 отсто) и Романија (27,1 отсто) со најниска стапка.

danska
Фото: Pixabay


Но, Данска забележа едно од најголемите намалувања на односот данок : БДП од сите земји-членки на ЕУ, од 46,8 отсто во 2017 на 45,9 отсто во 2018.

Земјите-членки на ЕУ имаат различна даночна политика. Даноците на производство и увоз го сочинуваат најголемиот дел од даночните приходи во ЕУ (со учество од 13,6 отсто од БДП во 2018 година), а веднаш потоа се  социјалните нето-придонеси (13,3 отсто) и даноците на приход и богатство (13,2 отсто).

Даноците на приход и богатство вклучуваат даноци на доход и лични и корпоративни приходи и тековни даноци на капитал што се плаќаат периодично.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија