X
 01.11.2020 Живот

Психичките и физичките поволности од чувањето милениче

Времето поминато со домашен миленик е корисно за здравјето и благосостојбата. Галењето или држењето на животното го зголемува лачењето на серотонин и домапин во телото. Тие прават да бидеме смирени. На тој начин, домашното милениче може да ги намали симптомите на депресија и осаменоста бидејќи растат самодовербата и среќата.

Освен тоа, дружењето со домашен миленик може да доведе до намалување на крвниот притисок, да го регулира чукањето на срцето и да го контролира лачењето на хормонот кортизол. Високото ниво на кортизол може да предизвика проблеми со артериите и срцето. Експертите велат дека дури и едноставното гледање на рибите додека пливаат во аквариум може да биде смирувачко и да релаксира.

Истражувања покажале дека домашниот миленик ги намалува симптомите на депресија, дава чувство на цел во животот и ја зголемува самодовербата. Постарите лица што се во депресија или се осамени може да имаат корист од домашниот миленик бидејќи ќе се чувствуваат сакани и потребни и им се зголемува самодовербата.


Фото: Pixabay

Домашните миленици создаваат рутина во секојдневието бидејќи бараат постојана грижа и хранење. Кучето бара секојдневни прошетки, но истовремено и сопственикот има поволности од овие прошетки.

Многу кучиња може да почувствуваат кога сопственикот е тажен или несреќен и реагираат на ова со барање дополнително внимание или дружење. Некои факултети во светот имаат кучиња за терапија на кампусите кои им помагаат на студентите да се релаксираат пред испитите. Кучињата за терапија веќе стануваат дел од библиотеките, старските домови и болниците низ светот.

Но секое животно може да понуди поддршка. Понекогаш е доволно да се има друго живо суштество со кое може да го поминувате времето и кое може да го сакате за да ги намалите стресот, анксиозноста и депресијата.

Автор: Луиз Б. Милер
Извор: psychologytoday.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот