„Јутјуб“ најави новитети насочени кон подобрување на искуството на корисниците што гледаат видеа на телевизор. Со овие надградби компанијата сака уште повеќе да ја зацврсти својата позиција во дневните соби бидејќи, според последниот извештај на „Нилсен“, „Јутјуб“ опфаќа дури 12,4 отсто од вкупното време што публиката го поминува гледајќи телевизија, надминувајќи ги популарните платформи како „Нетфликс“ и „Дизни+“.
Еден од најинтересните новитети е воведувањето QR-кодови кои овозможуваат препознавање и купување производи прикажани во видеата. Креаторите сега ќе можат да ги поврзат своите видеа со конкретни производи, а гледачите ќе можат едноставно да го скенираат кодот прикажан на екранот со својот телефон. Кодот потоа директно ќе ги пренасочи до страницата на производот, каде што веднаш можат да го купат.
Оваа новина ќе има позитивно влијание врз приходите на креаторите, особено кај видеата со шопинг-содржина, кои веќе бележат голема гледаност. Додека на мобилен или компјутер е лесно да се пристапи до производ преку линкови во описот или коментарите, на телевизор тоа досега беше многу потешко бидејќи требаше рачно да се бара производот.
Со QR-кодовите процесот станува значително побрз и поедноставен - доволно е само да се активира камерата на телефонот и да се скенира кодот, а врската автоматски води до онлајн продавницата каде што производот може веднаш да се купи.
Компанијата најави и нови ограничувања за насилни содржини, особено оние поврзани со видеоигри што прикажуваат реалистични човечки ликови. Видеата што содржат графичко насилство или малтретирање дигитални ликови ќе бидат достапни само за полнолетни корисници.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik