X
 01.12.2025 Живот

Четири бронзи за македонските ученици на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки

На 22. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, која се одржува од 23 ноември до 2 декември 2025 година, во Сочи, Русија, олимпијците од Македонија освоија 4 бронзени медали, соопштија од Друштвото на физичарите на Македонија.

Оттаму објавија дека медали освоија:
-Валентино Атанасоски, ученик во прва година ПСУ Јахја Кемал, Скопје;
-Дора Милева, ученичка во прва година во СОУ „Јане Сандански“ Штип;
-Јордан Соколовски, ученик во прва година во ПСУ Јахја Кемал, Скопје;
-Дамјан Чамушев, ученик во деветто одделение ООУ „Ванчо Прке“ Штип.

На олимпијадата успешно го претставија своето знаење и Глигор Иваноски, ученик во прва година во гимназијата „Мирче Ацев“ Прилеп, и Никола Зорески, ученик во прва година во ПСУ Алгоритам, Скопје.

Водачи на тимот на оваа олимпијада беа д-р Боце Митрески, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ, д-р Методија Најдоски, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на СХТМ, и дипл. мол. био. Филип Петровски, демонстратор на ПМФ во Скопје и член на МБД.

- Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД) им го честитаат големиот успех на учениците и се заблагодаруваат на водачите и на сите оние што дадоа придонес во организацијата на општинските, регионалните, државните натпревари по физика, хемија и биологија, како и на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот. Голема благодарност и до Природно-математичкиот факултет и сите негови вработени кои во последниве три месеци активно се вклучија во подготовките на тимот. Голема благодарност упатуваме и до Министерството за образование и наука за обезбедените средства за учество на оваа олимпијада, како и до општествено одговорните компании: Eam T-Shirts, Albatros – Модна конфекција, Ангротекс – Штип, и Ekohem Klin – Прилеп - стои во соопштението.

Фото: ДФРМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот