X
 12.12.2022 Образование

Четири бронзи за македонските средношколци на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки

Четири бронзени медали освоија македонските средношколци што учествуваа на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа од 2 до 12 декември 2022 година во Богота, Колумбија, соопштија од Друштвото на физичари.

Оттаму истакнаа дека добитници на медали се:

 - Искра Нечаковска, ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“- Битола;
 - Теона Ана Георгиевска, ученичка во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје;
 - Даниел Христов, ученик во прва година во СОУ „Славчо Стојменски“ - Штип и
 - Михаил Шапчески, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје.

На олимпијадата успешно се претставија и учениците Марко Серафимовски, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје и Олег Трајковски, ученик во прва година во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ - Битола.

- Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), во соработка со Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД), им го честита големиот успех на учениците и им се заблагодарува на сите оние што дадоа придонес во организацијата на општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот. Покрај тоа, им благодарат на сите колеги од институтите за физика, хемија и биологија кои одвоија значителен дел од своето слободно време и го посветија на подготовките кои се организираа од почетокот на септември до крајот на ноември во просториите на ПМФ Скопје. Ја користиме можноста да им се заблагодариме на сите што во континуитет ја поддржуваат нашата работа, како и на оние без кои патувањето во Богота и плаќањето на котизацијата за учество немаше да бидат можни - истакнаа од Друштвото на физичари.

Водачи на олимпискиот тим беа проф. д-р Боце Митревски од ДФРМ, проф, д-р Методија Најдоски од СХТМ и м-р Лозенка Иванова од МБД.


Фото: Фејсбук

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование