X
 01.12.2025 Живот

Движење што расте: Кои се ВИ-веганите и зошто одбиваат да го користат „Чет-ГПТ“?

Група млади, еколошки освестени луѓе, наречени ВИ-вегани, ја предводат борбата против „Чет-ГПТ“ и другите форми на генеративна вештачка интелигенција. ВИ-веганите одлучуваат целосно да се откажат од користење на сите генеративни ВИ-системи.

Заедницата што ѝ се спротивставува на вештачката интелигенција моментално има повеќе од 71 илјада членови на „Редит“. Слично како и кај традиционалниот веганизам, нивното образложение е главно етичко и еколошко. Се спротивставуваат на кражбата и експлоатацијата на работниците и креативците.

ВИ-веганите стравуваат и од потенцијалната штета што ВИ може да ја нанесе врз менталното здравје и когнитивниот развој, создавајќи зависност од брзи решенија што ја намалуваат способноста за критичко размислување.

Ново истражување од помал обем, спроведено од Институтот за технологија во Масачусетс, ги потврдува овие грижи. Според резултатите, учесниците што го користеле „Чет-ГПТ“ за пишување есеи имале пониска мозочна активност во споредба со оние што не го користеле.

Корисниците на „Чет-ГПТ“ тешко се снаоѓале при цитирањето на сопствениот генериран текст и постигнувале послаби резултати на нервно, лингвистичко и бихевиорално ниво. Ова би можело да има пошироки последици врз процесот на учење, самодовербата и начинот на кој луѓето ја користат вештачката интелигенција во важни контексти.

Генеративната ВИ напредува со голема брзина и навлегува во работата, образованието, социјалните мрежи, па дури и меѓучовечките односи, што ја прави сè потешка за избегнување. Особен предизвик се јавува на универзитетите, каде што ВИ ја користат и студентите и професорите.

Поголемиот дел од ВИ-веганите веруваат дека вештачката интелигенција во својата основа е неетична. Некои сметаат дека треба да биде забранета и казнива со закон, додека други се залагаат за строги правила и надзор врз нејзиниот развој и користење.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот