Научници развија систем на ласери кој може да го испитува човечкото тело, приближно како ултразвук, но од далечина.
Системот може точно да претстави што се случува во телото на личноста до длабочина од околу 6 сантиметри, стои во соопштение од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ). Иако тоа не изгледа како многу, сепак, е важен прв чекор во отстранувањето на физичкиот контакт од ултразвучните скенови бидејќи тоа некогаш може да воведе варијабилност во читањата на лекарите.
Системот опишан во истражувањето објавено во списанието „Лајт: Сајенс енд апликејшнс“ користи два ласера: еден за генерирање звучни бранови кои отскокнуваат во телото на пациентот и вториот за нивно детектирање додека се одбиваат.
Крајните резултати не се точни како оние генерирани од традиционален ултразвук, но фактот дека ласерски систем може да гледа во тело на лице од далечина без да му ја изгори кожата или очите е огромен чекор напред за неинвазивните медицински
процедури.
- Ние сме на почетокот на она што би можеле да го правиме со ласерски ултразвук. Замислете да стигнеме до точка каде што можеме да правиме сè што ултразвукот може да направи сега, но од далечина. Тоа ви нуди сосема нов начин на гледање на органите во телото и одредување на карактеристиките на ткивата кои се подлабоко, без да има контакт со пациентот - истакна Брајан Ентони, инженер од
МИТ.