Во Бразил е воведен нов закон според кој разведените парови ќе можат да имаат заедничко старателство над домашните миленици.
Според новиот закон, доколку парот се раздели без да постигне договор во врска со својот миленик, судијата ќе одреди заедничко старателство и правична распределба на трошоците за миленикот.
За да се применува законот на паровите што се разделуваат, животното морало да го помине поголемиот дел од својот живот со парот. Заедничко старателство нема да биде одобрено во случаи на претходно кривично досие, како и во случаи на историја или ризик од семејно насилство.
Како што е наведено, законодавците во бразилскиот Конгрес ја опишале промената на законот како одраз на важноста што луѓето им ја придаваат на своите домашни миленици.
Членовите на Конгресот изјавиле дека има зголемување на бројот на спорови околу старателство над домашни миленици на судовите, истакнувајќи дека законот одговара на промените што се случиле во бразилското општество во последните децении.
Во соопштението се додава и дека паровите со помалку деца имаат поблиски односи со своите животни, кои често се сметаат за вистински членови на семејството.
Во Бразил, земја со 213 милиони жители, има околу 160 милиони домашни миленици, покажуваат податоците од Институтот за миленици на Бразил.
Во еден сличен случај во Шпанија од 2021 година судија доделил заедничко старателство над куче на разделен пар кој отишол на суд за да се утврди со кого ќе живее миленикот.
Судот во Мадрид сметал дека двете страни се одговорни за кучето по име Панда.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik