X
 02.06.2019 Наука

Диви пчели градат легла од пластичен отпад

Во аргентинските полиња пчелите прават легла за нивните малечки од некои чудни материјали. Првпат во историјата научниците пронашле легла на пчели целосно направени од пластичен отпад.

Голем дел од пластиката во форма на амбалажа доаѓа во фармите и често стигнува во природата. Светот се менува и дивината мора да се адаптира, но дали таа може да се адаптира доволно брзо за да биде во тек со човечкото влијание, тоа сè уште е дискутабилно.

Пластичните легла ги открија истражувачите од аргентинскиот Национален институт за земјоделска технологија.

Типот поставил 63 легла-замки околу полињата - тие се како некои хотели за пчели кои може да ги изградите во дворот за пчели-самотници, со долги издлабени цевки. Пчелите можат да ги покриваат овие вдлабнатини со материјали како кал, лисје итн. Со материјалите тие градат удобно легло во вдлабнатината.

Во текот на пролетта и летото 2017 и 2018 година тимот секој месец ги проверувал гнездата за да провери дали има знаци на активност на пчели. Утврдиле дека пчелите користеле само три гнезда. Две биле направени со кал и цветен лист и од нив излегле здрави возрасни пчели.

Третото имало три ќелии целосно направени од пластика, внимателно исечена во долгнавеста и кружна форма од страна на пчелите и подредена со преклопување. Првите две ќелии бие направени од тенка, светлосина пластика, слична на пластична кеса, а третата ќелија била направена од подебела бела пластика.

Фото: Science Alert

Во една ќелија имало мртва ларва, од другата возрасна пчела излегла од гнездото, а третата ќелија не била довршена. Значи, од двете окупирани ќелии, едната ларва починала, а другата пораснала, што покажува дека пластиката можеби и не е најдобриот избор за градежен материјал, но можеби не е ни најлошиот.

Она што го прави ова легло толку впечатливо е тоа што сите ќелии биле направени од пластика и тоа е прв документиран случај каде што се искористени два различни вида пластика.

Всушност, ова можеби и не е толку лоша вест. Според истражувачите, ова може да значи дека пчелите имаат флексибилност која ќе им овозможи да бидат во чекор со промените во околината. А може да значи и дека хербицидите што се користат на полињата го намалуваат бројот на растенија што пчелите ги користат за нивните гнезда. Не можеме да знаеме од еден тест.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука