Со децении љубителите на животните дебатираат за тоа кој е поинтелигентен, мачките или кучињата. Кучињата имаат поголем мозок и повеќе неврони, но тоа не е единственото мерило за интелигенција. Освен тоа, кучињата се подобро истражувани бидејќи мачките потешко прифаќаат нови средини и лабораториски тестирања.
И покрај тоа, научниците успеаја да ја споредат нивната интелигенција низ неколку клучни области.
Социјална интелигенција
Еден од начините да се процени колку животното ги разбира другите е тестот со задача што не може да се реши, каде се набљудува дали животното ќе побара помош од човекот за да стигне до затворената храна.
Резултатите покажуваат дека кучињата редовно бараат помош од луѓето, па дури и умеат да разликуваат која личност може да им го реши проблемот.
За разлика од нив, повеќето мачки во оваа ситуација не бараат помош од човекот, туку продолжуваат самите да се обидуваат да стигнат до храната. Сепак, научниците утврдија дека и мачките одлично ја користат визуелната комуникација и препознаваат кога човекот им посветува внимание.
Дали знаат да бројат?
И кучињата и мачките успешно поминуваат тестови за разликување количини, при што доследно избираат каде има повеќе храна. Оваа способност ја имаат дури и мачињата и кученцата стари само два месеца, а притоа главно се потпираат на видот.
Дали се препознаваат себеси?
Нито кучињата ниту мачките не го поминуваат класичниот тест за интелигенција со огледало. Поради тоа, научниците осмислија тестови засновани врз нивното поразвиено сетило за мирис.
Преку ваквите истражувања е утврдено дека кучињата го препознаваат сопствениот мирис на урина, додека мачките можат да го разликуваат сопствениот измет од оној на другите мачки.
На крај, кој е поинтелигентен?
Интелигенцијата е збир од различни способности, па затоа одговорот не е едноставен.
Доколку останат без луѓето, повеќето мачки подобро би се снашле и би опстанале во природата, додека многу кучиња би имале сериозни потешкотии. Од друга страна, поради тоа што кучињата почесто се обучуваат, тие имаат предност во задачите кои бараат заедничко решавање на проблеми.
На крајот, научниците заклучуваат дека и кучињата и мачките се изненадувачки интелигентни, но секое животно на свој начин.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific