X
 29.05.2019 Живот

Малезија ќе им врати тони пластичен отпад на други земји

Малезија ќе им врати речиси 3.000 метрички тони нерециклирачки пластичен отпад на повеќе земји, меѓу кои и САД, Канада, Австралија и Обединетото Кралство, како дел од напорите да не стане депонија за богатите нации.

Министерката за животна средина, Јео Би Јин, истакна дека 60 контејнери полни со контаминиран отпад биле прошверцувани на пат кон објектите за илегална обработка во Малезија и ќе бидат вратени назад во нивните земји на потекло. Таа додаде и дека Малезија и многу земји во развој станале нови мети откако Кина го забрани увозот на пластичен отпад минатата година, пренесува „Ал Џезира“.

- Ова веројатно е само врвот на карпата мраз поради забраната на пластичен отпад од Кина. Малезија нема да биде светска депонија, ќе го возвратиме ударот. Иако сме мала земја, не можеме да бидеме заплашувани од развиените земји - рече Јео.

Десет контејнери ќе бидат вратени во рок од две недели, истакна Јео додека на новинарите им ја покажуваше содржината на отпадот на пристаниште во близина на главниот град Куала Лумпур. Во изложените предмети имаше кабли од Велика Британија, контаминирани картони од млеко од Австралија и цедиња од Бангладеш, како и електронски и отпад од домаќинства од САД, Канада, Јапонија, Саудиска Арабија и Кина.

Јео рече дека отпадот од Кина изгледа дека е ѓубре од Франција и други земји што било пренасочено по забраната на Кина. Според министерката, само во еден случај британска компанија за рециклирање во текот на изминатите две години извезла повеќе од 50.000 метрички тони пластичен отпад во околу илјада контејнери до Малезија.

Малезиската влада ги заостри мерките за десетици илегални објекти за рециклирање пластика, кои никнаа во земјата и од минатиот јули затвори повеќе од 150 такви објекти. Месецов владата врати и пет контејнери отпад во Шпанија.

Јео рече дека кинеската забрана му ги отворила очите на светот за да види дека имаме огромен проблем со отпадот и рециклирањето. Таа им порача на развиените земји да си го испитаат менаџирањето на пластичниот отпад и да престанат да го праќаат отпадот во земјите во развој, нарекувајќи ги таквите практики нефер и нецивилизирани.

Фото: Pixabay

Сè поголемите загрижувања за загадувањето со пластика во океаните и приказните за умрени китови со пластика во нивните стомаци, како и кинеската одлука да престане да процесира отпад, ги натераа нациите да преземат подрастични чекори за да се справат со проблемот.

Светот произведува околу 300 милиони тони пластика секоја година и поголемиот дел од таа пластика не се рециклира, покажуваат податоците на организацијата наречена Светски фонд за природа. Во извештај објавен во март, оваа организација документира драматичен пораст на производството на пластика за еднократна употреба од 2000 година наваму.

Со сегашната стапка, според Светскиот економски форум, до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика отколку риби.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот